1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историска можност за македонските кошаркари

18 септември 2011

Пред македонските кошаркари денеска е историската можност за првпат да се закитат со медал на едно големо натпреварување. Русите се фаворити, но според информациите од Литванија, не се многу заинтересирани за дуелот

https://p.dw.com/p/12bS7
Шанса против Русија да се заокружи историскиот успехФотографија: dapd

Рускиот селектор Дејвид Блат има проблеми да ги мотивира своите играчи пред денешниот дуел за бронзениот медал против Македонија на Европското првенство во кошарка во Литванија. Русија во петокот загуби во полуфиналето од Франција.

„Веднаш по поразот од Франција им укажав на играчите дека знаевме како да победиме во девет меча по реда, и сега мора да победиме во уште еден. Ни останува уште еден меч, и мораме да се приспобиме и да се бориме за бронзениот медал. Мораме да го надминеме моралниот пад кој ни се случи по неуспехот против Франција“, порача Блат.

Flash-Galerie Eurobasket 2011 Viertelfinalespiel Mazedonien Litauen
Лестер Бо Мекејлеб има шанси да се најде во идеалната петорка на турниротФотографија: dapd

Информација, која можеби говори во прилог на шансите на македонските репрезентативци, е фактот што руските репрезентативци во саботата не го одржале планираниот тренинг, туку се дружеле со своите навивачи во Каунас.

Двете репрезентации веќе се сретнаа минатата недела во Виљнус во дуел кој решаваше за победникот во групата во втората фаза од натпреварувањето. Тогаш Русија победи тесно со 63-61 со тројката на Сергеј Моња во последната секунда од мечот.

„Не е лесно да се игра против истиот тим двапати на едно првенство, особено откако ги победивме на оној начин. Но мораме да се обидеме“, вели Блат.

Клучен дуелот на Стојановски и Кириленко

Во македонскиот табор, пак, ентузијазмот во пресрет на натпреварот, се чини, е далеку поголем.

„Сакаме да им вратиме на Русите и тоа на најдобар можен начин, во борбата за бронзениот медал. Нема дел од телото што не ме боли, но тоа нема да биде пречка уште еднаш да се ‘истепам' под кошевите со руските центри. На болката и на лекувањето ќе мислам од понеделник", вели центарот Предраг Самарџиски.

Македонија и Русија досега четирипати играле меѓусебно и Русите имаат стопроцентен учинок. Но освен последната победа во Виљнус, тесно беше и на минатиот евробаскет, кога во меѓусебниот дуел Русите повторно се спасуваа во последните секунди, а Македонија промаши шут за победа.

Интернет-страницата на Евробаскетот во својата анализа во пресрет на мечот предвидува дека клучен дуел на мечот ќе биде оној меѓу Војдан Стојановски и руската НБА-ѕвезда Андреј Кириленко, потсетувајќи притоа дека во првиот дуел Стојановски го запрел Кириленко на мизерни два поени со шут од поле еден од девет.

Од Литванија и веста дека дури тројца македонски кошаркари се најдоа во потесниот избор за идеална петорка на првенството. Перо Антиќ, Владо Илиевски и Лестер Бо Мекејлеб се на

списокот од 12 кошаркари за кои можат да гласаат новинарите кои известуваат од континенталниот кошаркарски собир на Балтикот. Ова е првпат воопшто македонски кошаркар да се најде во можност да биде дел од најдобриот состав на еден шампионат од највисок европски ранг. Најголеми шанси за таков успех има Мекејлеб кој е и втор стрелец на шампионот веднаш зад француската ѕвезда Тони Паркер, со просек од 21,3 поени по меч.

Во големото финале вечерва играат репрезентациите на Шпанија и Франција.

Автор: Борис Георгиевски/итартасс/макфакс

Редактор: Жана Ацеска