1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историскиот повик на Очалан е почеток на долг и сложен процес

Ајхан Шимшек/ Симе Недевски22 март 2013

Лидерот на курдските бунтовници Абдула Очалан од затвор ги повика своите вооружени следбеници на запирање на огнот и повлекување од Турција. Експертите сепак очекуваат долги и напорни преговори.

https://p.dw.com/p/182iZ
Фотографија: Reuters

Историскиот повик на Очалан беше причина да се разбуди надежта во Турција. Поголемиот број набљудувачи ги гледаат преговорите на турската влада и Очалан, кои започнаа минатата година, како најсериозен напор да се заврши деценискиот конфликт. Но експертите се’ уште предупредуваат на слабостите, тешкотиите и очекуваат долги преговори пред да се дојде до мировно решение. „Очалановата изјава означува почеток на нов период, кој ќе значи сериозни преговори со турската Влада“, смета Нихат Али Озкан, познатиот стручњак од организацијата ТЕПАВ од Анкара. Тој предупредува дека не треба да се имаат големи очекувања. „Не е можно преку ноќ да се постигне договор околу курдското прашање. Зборуваме за процес на преговарање кој ќе трае долго. Не зборуваме за проблем кој може да биде решен за 3 или 5 месеци, па дури ни за неколку години“, изјави Озкан за ДВ.

Преговорите започнаа на крајот на 2012. година

Турската влада ги започна директните преговори со Оџалан минатиот октомври, барајќи од Националната разузнувачка служба (МИТ) да дојде до мирно решение. Пред 3 години МИТ во тајност потпиша договор со лидерите на ПКК, но т.н. „Осло-процес“ ги изневери очекувањата и доведе до нов бран на насилство во текот на 2011 и 2012 година.
Сепак, притисоците од регионот и граѓанската војна во Сирија ја присилија Турција да се обиде уште еднаш. Овој пат, владата на Ердоган се реши на потранспарентен процес, известувајќи ја јавноста за најважните точки на преговорите. Нихат Али Озкан мисли дека преговорите на турската влада и Оџалан поставуваат нова парадигма во деценискиот конфликт и оти тој процес не може да се врати назад.
И покрај сомнежите во моменталното влијание на Оџалан во ПКК, бидејќи тој е во затвор од 1999 година , процесот покажа дека тој и натаму има многу важно место во таа организација.

Kurdischer Rebellenführer Abdullah Öcalan
Абдула ОџаланФотографија: Reuters

Мировниот процес нема да биде едноставен

Според мислењето на Озкан, може да има обиди на одредени групи со напади да го нарушат мировниот процес и ќе има веројатно неколку кризни моменти: „Процесот не е ограничен на запирање на огнот, отфрлање на оружјето, тој вклучува и големи политички и уставни промени, а прашање е како Анкара ќе ја подели моќта и сувереноста со Курдите, односно со ПКК која тврди дека ги претставува. Турската влада ќе се обиде да ги синхронизира преговорите, процесот на уставните промени и безбедносната политика. Најверојатно ПКК ќе дојде со максимални барања, а турската страна ќе предложи минимум“, очекува Озкан.
И додека турската влада со оптимизам гледа на иднината, турските опозициски партии на левиот центар и националистите се’ уште немаат доверба. Некој критичари Ердогановите потези ги гледаат како обид да добие поддршка од Курдите за својот план да го промени уставот и да воведе претседателски систем, што дополнително би ја зајакнало неговата моќ.

Kurdischer Rebellenführer Abdullah Öcalan ruft Waffenstillstand aus PKK
Курдите го поздравија повикот на ОџаланФотографија: Reuters
Global Vienna Forum 2013 Erdogan
Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Сезгин Танрикулу, курдскиот пратеник од Републиканската народна партија (ЦХП) на левиот центар, вели оти Ердоган е одговорен за тоа што нема напредок во долготрајниот курдски проблем: „Ердоган владее со земјата повеќе од 10 години. Тој е одговорен за неуспехот во наоѓање решение до денес“, рече Танрикулу за ДВ. „Во 2012 година кога неговата АКП дојде на власт, вооружаните милитанти на ПКК ја напуштија турската територија. Но АКП не успеа да покаже храброст и демократска визија и пропушти можност да најде решение.“ Тој пратеник мисли дека и тајните преговори водени пред 3 години исто така биле фокусирани на успехот на Ердоган на изборите и оти поради тоа не дале резултати.

За разлика од ЦХП, која поддржува мировно решение, турската националистичка опозиција поддржува поостри мерки, со цел да се елиминира заканата од ПКК. Лидерот на тој дел на опозицијата Девлет Бакели го обвини Ердоган за „предавство“ и „продавање на земјата на крвавите разбојници“.

Долготраен процес

Вооружената кампања на Работничката партија на Курдистан долга 29 години досега однесе 40.000 животи. Се проценува дека ПКК има околу 2.000 борци во Турција и неколку илјади сместени на северот на Ирак. Стручњакот за безбедност Озкан, и покрај историскиот повик на Очалан на политичка борба, мисли оти не е извесно дека ПКК дефинитивно ќе го отфрли оружјето во краток временски рок: „Не верувам дека членовите на ПКК кои се повлекоа од турска територија веднаш ќе го фрлат оружјето. ПКК веројатно ќе настојува да задржи силна позиција против турската влада во текот на преговорите, а ќе настојува да го задржи и оружјето.“

PKK Gefangenenaustausch Türkei
Припадници на ПККФотографија: Karlos Zurutuza

Озкан додава дека организацијата веројатно својот воен фокус ќе го насочи кон Сирија, што може да предизвика голема загриженост кај Анкара. Турција гледа на создавањето на државата под контрола на ПКК на северот на Сирија како на закана за својата безбедност. „Успехот на турските преговори со ПКК тесно е поврзан со глобалниот и регионалниот развој на настаните. Не може да се најде решение за проблем со ПКК, ако не се најде решение за проблемот во Сирија“, нагласи Озкан.