1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историски судски процес против пучистите во Анкара

Басак Озај / Александар Методијев4 април 2012

Повеќе од 30 години по крвавиот воен пуч во Турција, преживеаните водачи се на обвинителна клупа. Прашање е меѓутоа дали ќе бидат изречени пресуди.

https://p.dw.com/p/14XW4
Фотографија: picture alliance/UPI

Тој не се кае– тоа е пораката од поранешниот водач на пучот, Кенан Еврен, за време на сослушувањето. „Парламентот не функционираше. Секој ден беа убивани по 20 луѓе “, со тоа дури и денеска Еврен го оправдува пучот на војската од 12. септември 1980. година. Шефот на генералштабот Кенан Еврен тогаш воведе воен суд, го распушти парламентот и ги забрани сите партии. Тој го оправдува пучот со меѓусебните судири и крвопролевањата меѓу левичарските и десничарските групации, кои однесоа над 5.000 човечки животи. Војската морала да интервенира за да ја поврати безбедноста и авторитетот на државата.

Повеќе од 650.000 луѓе беа уапсени, а околу 50 и егзекутирани. Ертугрул Куркчу, пратеник од курдската партија БДП, кој тогаш беше уапсен поради својот лево ориентиран политички ангажман, се осврнува на пучот како на „најголемиот атентат“ во политичката историја на Турција.

Türkei Militär
Воената група која го предводеше пучот во ТурцијаФотографија: dapd

Промената на Уставот го овозможи судскиот процес

Повеќе од триесет години многу граѓани стравуваа дека пучистите никогаш нема да бидат изведени пред правдата. Тоа беше така поради Уставот, што беше воведен по пучот и кој доживотно им осигура имунитет на пучистите од кривично гонење. На иницијатива на владејачката исламистичко-конзервативна партија АКП, граѓаните во 2010-та преку референдум изгласаа промена на Уставот, што овозможи да се укине овој имунитет.

Тогаш стана возможно двајцата преостанати живи генерали, од кои едниот и тогашен водач на пучистите, од денеска (04.04.2012) да застанат пред законот – шефот на генералштабот Кенан Еверен и шефот на воената авијација Тасин Сахинкаја. Јавното обвинителство бара доживотен затвор за направените злодела.

Како и да е, претседателот на организацијата „Модерни судии“ во Турција, адвокатот Селчук Козагачли смета дека нема големи надежи за таква казна.

„Јасно е дека двајцата генерали, кои имаат над 90 години, воопшто нема да се појават во судницата. Се дискутираше дали е можно да бидат испрашувани преку телефонска конференциска врска. Тоа ќе се реши со судско вештачење“, вели Козагачли. Но, дали ако вештачењето покаже дека поради здравствената состојба не е можно сослушување, тогаш судот би чекал да се подобри нивната општа здравствена состојба?

„Тоа значи дека или тие ќе починат и процесот ќе пропадне или, што е тешко веројатно, ќе им биде подобро и ќе бидат сослушани“, вели Козагачли, кој додава дека поради тоа што тие се стари, не може да им биде изречена  доживотната казна затвор.

Ankara Militärputsch in der Türkei 1980
Воениот пуч во Турција во 80-та годинаФотографија: AP

Знак за демократизација?

Што значи за Турција пучистите, барем симболично, да бидат осудени? Сака ли Турција навистина да се справи со едно темно поглавје од своето минато? За Тургут Тарханли, професорот по право од универзитетот Билги од Истанбул, процесот навистина е значаен, но не и доволен чекор. Според него, справувањето со минатото изискува многу повеќе отколку судска одлука.

„Многу поважна е се‘опфатна обнова на системот, а за тоа е потребна политичка волја“, смета професорот Тарханали.

Целиот државен апарат, кој во тоа време бил задолжен за спроведување на  наредбите на војската, треба да биде повикан на одговорност. Веродостојна промена на размислување е можна само ако Турција се „дистанцира од интелектуалниот, правниот и политичкиот менталитет на пучистите“. А, во случајов токму тоа не е се прави, критизира професорот Тарханли.

Сосема спротивно – се‘ уште останува наследство на милитарниот режим, смета пратеникот Ертугул Куркчу.

„Се’ уште постои изборниот праг од десет проценти за влез на партиите во парламентот, а законот за партиите се’ уште не е променет. Во Турција се’ уште е многу тешко да се основаат организации, фондации и сојузи“, забележува Куркчу. Големиот број на притворени новинари покажува колку многу под притисок е слободата на говор.

„Никаде не гледам знаци на демократија“, забележува Куркчу, кој додава дека денес во Турција се’ уште се затвораат весници и дека властите водат процеси против опозицијата. „Зошто треба да ја сметаме оваа фаза како голема промена, кога се’ уште постојат работите кои ги критизираме уште од тогаш?“, прашува пратеникот Куркчу.

Дебати за нов Устав

Во наследството од „12-ти септември“ спаѓа и турскиот Устав. Во минативе неколку години навистина тој беше повеќе пати менуван, но документот остана сам по себе „Устав на пучистите“. Владата водена од партијата АКП се обидува, заедно со сите останати претставници во парламентот, да создаде нов граѓански Устав.

Но, Уставот би можел да се смета како „нов“ само ако се земат во предвид потребите на работниците, студентите, малцинствата, жените, хомосексуалците и сите останати групи кои се соочуваат со дискриминација, забележува Селчук Козагачли. Адвокатот се сомнева дека во однос на тие групи нешто ќе се промени во новиот Устав.