1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историјата на патот до нацрт-уставот на ЕУ

12 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRd
На самитот во на Европската унија што почнува денеска во Брисел, на врвот на дневниот ред е темата - европски устав. Поради се уште спорните точки меѓутоа, прашање е дали шефовите на држави или влади ќе успеат да постигнат согласност. Дипломатските кругови шансите за тоа ги оценуваат 50 спрема 50. На самитот му се заканува да биде подеднакво долг и огорчен прегаварачки маратон како оној од пред 4 години во Ница со кој, патем, започна историјата на европскиот устав. Скоро пет дена шефовите на држави или влади во Ница се заплеткуваа во правилата, роковите и квотите за да ја подготват Унијата за проширувањето кон Исток. Непосредно пред изгрејсонце на 11 декември 2000-тата и германскиот канцелар Герхард Шредер беше на крајот од силите:

"Беше тешка работа. Не може поинаку да се опише". Настаните се одвиваа како на пазар, пренесоа дипломатски кругови, според мотото: овде ќе ми дадеш мене повеќе гласови, па јас ќе ти попуштам таму. Сигурно, за многу прашања беше постигната согласност, но за некои важни подрачја останаа поделбите. Убавите говори не можеа никого да залажат:

"Ова е удар во вода кога се има предвид задачата на самитот", оцени европратеникот на ЦДУ Елмар Брок. Од Ница мора да се извлече важна поука, сметаше и неговиот колега од СПД Јо Лајнен и укажа дека кога владите преговараат меѓу себе тогаш неопходните реформи влегуваат во конфликт со националните интереси: "Може да се види дека владините конференции се метод кој се исцрпува и дека е дојден до границите на можностите. Овој метод е апсолутно потрошен". Но, што да се прави? Конечно во договорот од Ница има голем број точки што можат да бидат подобрени. Се погласни беа барањата за чист устав кој, за разлика од сегашните ЕУ-договори, нема да биде јасен само за правниците, туку и за сите граѓани. Една година по Ница, на самитот во белгискиот град Лекен, Европската унија се согласи да започне сеопфатна реформа. За тоа требаше да расправа нов Конвент во кој освен владите на старите членки, ќе бидат застапени и државите што ќе влезат во Унијата, како и Парламентот на ЕУ и комисијата. За претседател на Конвентот беше избран Французинот Валери Жискар Д'Естен. Во февруари 2002 тој ја отвори првата седница на Конвентот со свечени зборови:

О-Тон Жискар "Сакам да апелирам на вашиот ентузијазам. Нам често ќе ни се префрла дека немаме сон за Европа, дека ќе бидеме задоволни со компликувана, непрегледна Унија што ќе и служи само на економијата. Тогаш, ајде да сонуваме за Европа".

Во првите денови се чинише дека вистина повеќе се сонува отколку што се работи. Потоа многу нешта се оспоруваа зашто според мислењето на многумина, Д'Естен седниците ги водел многу авторитарно и самостојно. Дури кон крајот на годината се стигна до првата основа, а жешката работна фаза започна на почетокот на оваа година. На крајот на јуни, точно за самитот на ЕУ во Солун, се појави првиот нацрт на европскиот устав. Германскиот канцелар, како и другите претседатели и премиери, беше полн со пофалби:

"Големо постигнување на Конвентот, на претседателот на конвентот Жискар Д'Естен. Но, сакам да кажам дека и Германија и Франција сигурно по малку придонесоа за тоа".

Германија и Франција, од почетокот на годинава проближени потесно од кога и да е, вистина спроведоа многу точки во нацрт-уставот според своите претстави: почнувајќи од функцијата европски министер за надворешни работи, преку постојан претседател на ЕУ до, за нив поволниот модус за гласање при мнозинските решенија. Не траеше долго кога се создаде фронт против голем број параграфи од текстот на Конвентот.

До крајот на летната пауза, кога започна владината конференција за да расправа за нацрт-уставот, спорот стана голем: Германија и Франција сметаа дека документот треба да биде прифатен без промени; Полска и Шпанија напротив го атакуваа токму мнозинскиот принцип, според нивното мислење штетен за нив; некои католички држави бараа неизоставно да се внесе христијанството како основа на Европа, лаицистичките пак, беа стриктно против. Конечно, бројот на спроните желби за промени толку порасна што беше невозможна согласност пред сегашниот самит во Брисел. Во меѓувреме германската влада застана на став: никаков резултат во ова година е многу подобар отколку лош резултат.