1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Источноевропејците мигрираат на север

Розалија Романиец/ Борис Георгиевски15 јануари 2013

Од почетокот на финансиската криза во Европа, се повеќе луѓе од источна и јужна Европа бараат работа на северот на континентот. Меѓу најатрактивните дестинации е Швајцарија.

https://p.dw.com/p/17K8k
Фотографија: DW/R. Romaniec

Маја Мајчршак е од Полска. Од минатиот Божик работи како скијачки инструктор во швајцарскиот центар Сент Мориц. Мајчршак може да се нарече модерен европски номад- образована и флексибилна авантуристка. Пред да дојде во Швајцарија пет години работела како учителка по англиски во Милано. По почетокот на финансиската криза во Италија одлучила да замине.

„Швајцарија ме привлече бидејќи се наоѓа во срцето на Европа и нуди невообичаено високи плати“, вели Мајчршак.

„Да се работеше само за скијање имаме доволно луѓе за таа работа од Италија и Германија. Но, голем број источноевропејци зборуваат руски јазик, а тоа е многу важна квалификација за нас“, вели Франко Моро, директор на ски-школата во Сент Мориц.

Мали ограничувања

Иако од 2011 година Швајцарија воведе квоти за странски работници, сепак и натаму е можно да се добие работна дозвола. Финансиската криза во Европа натера многу луѓе од источна и јужна Европа да се насочат токму кон Швајцарија.

„Силниот швајцарски франк ја засилува атрактивноста“, објаснува Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на трудот во Нирнберг.

Хотелите и други бранши на туристичката индустрија добиваат рекорден број на апликации од источна Европа. Михаел Вагнер е сопственик на хотел во Потресина, во близина на Сент Мориц, и објаснува дека промените се резултат и на порастот на туристи од новите земји-членки на ЕУ. Во текот на зимската сезона тој вработува околу 60 луѓе. Повеќе од 80 проценти од нив се од Словачка и Унгарија.

Schweiz Migration
Маја МајчршакФотографија: DW

Сите одат кон северот

Една од нив е Кристина Малекова, која работи во хотелот Цум Розач веќе втора година по ред. Дипломирала филозофија, но не успеала да најде работа во Словачка. Најпрво таа сакала да замине во Турција или Грција, но се испречила финансиската криза. Потоа побарала во Швајцарија. Малекова вели дека и се допаѓаат добрата плата, работната атмосфера и близината до татковината, како и бројните можности да го продолжи образованието. Таа верува дека во Швајцарија е подобро одошто било каде во Европа.

Сепак, пазарот на трудот во Швајцарија е релативно мал. Може да се очекува дека оние кои мигрирале во Швајцарија со текот на времето ќе продолжат понатаму на север- кон Германија. Крајот на ваквиот тренд не е на повидок.