1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исцелителната моќ на полските бајачки

Улрих Адријан / Александар Методијев26 октомври 2013

На истокот на Полска, во близина на белоруската граница, има дузина бајачки, кои исцелувањето го претвораат во вносен бизнис. Баењето со молитви, лековити билки, восок, леб и вода за некои е последна надеж за излекување.

https://p.dw.com/p/19xFR
Фотографија: DW

Во потрага по полски бајачки и гатачки. Тоа ќе биде тешко истражување. Отидовме во полско-белоруската погранична област. Овде не се сите жители католици. Шестотини илјади Полјаци се припадници на Руската православна црква. Речиси секој барем еднаш бил кај бајачка.

Во доверба луѓето ни ги покажуваат куќите во кои наводно живее некоја од нив. Пред вратата на една зелена куќа има таканаречени пациенти, кои патувале три часа од главниот град Варшава.

„Ние сите тука одиме на бајачка. И нашиот син веќе го имаме донесено тука. Тоа помогна. Детето претходно беше многу вознемирено“, вели еден брачен пар.

„На луѓето кои веруваат ова им помага. Оној кој не верува, нему не му помага. Тоа е како на лекар - но овде една баба лечи со молитви“, вели една жена, која била на бајачка.

„Бајачките лечат секакви болести. Мајка ми уште како дете ме однесе кај една. Тоа тука е сосема нормално. Јас бев нервозно дете и баењето ми помогна“, вели друга Полјачка.

Бајачките гледаат што треба да видат нивните „пациенти“

Два часа подоцна добиваме ново укажување: во селцето Рутка имало бајачка. Тропаме и по долги преговори бајачката Ана Артемјук е подготвена за интервју. Таа сака овие двајца мажи веднаш да ги лечи од астма и несоница.

Utensilien einer Flüsterhexe in Polen
Материјалот потребен за баење и истерување уроциФотографија: DW

„Да, јас го можам тоа. Имам дарба. Тоа се случи поред неколку години. Јас спиев и тогаш дојде Тој и ми рече - ти ја подарувам оваа дарба. Сега веднаш ќе почувствуваш нешто топло во главата. Тоа е дарбата“, објаснува бајачката Ана Артемјук.

Михал Крук, кој има несоница, на почетокот на третманот добива инструкции. „Гледај во облаците зад штркот“, вели гатачката и потоа развива многу интересен дијалог:

„Го гледаш Исус“, прашува таа. „Гледам една бела фигура“, одговара Михал. „Стои или лежи“, прашува бабата. „Стои“, одговара тој. „Има ли чевли или е бос“, прашува бајачката. „Тој има чевли“, одговара Михал. „Лажго еден, погледни подобро. Исус нема чевли“, му вика бајачката на Михал додека му ги крева и спушта рацете. „Точно, тој нема чевли“, се поправа Михал. „Гледаш, јас знам подобро што ти гледаш“, самоуверено му враќа бајачката Ана Артемјук.

Двајцата пациенти се длабоко религиозни и сигурни дека се излечени благодарение на зборовите од бајачката.

„Низ мене протече нешто топло. Ова со сигурност ќе ми помогне. Тоа беше такво чувство, што секој човек мора да го доживее. Беше топло, беше жешко - едноставно беше такво“, вели Михал Крук по „третманот“ кај бајачката.

Амбулантно лечење кај бајачки

Арсалан Азадин, шеф на оддел во регионалната болница во Биељск Подљаски, кој е Курд по националност и тука живее од пред 35 години, има свое мислење за бајачките.

„Оставете ги пациентите да одат таму. Тоа не е конкуренција - тоа е психотерапија и верување. Јас познавам дури и доктори кои посетуваат такви жени и не можат да објаснат зошто на пациентите веднаш им е подобро“, вели докторот Азадин.

Europanorama Mazedonisch 71. Sendung DW TV
За православната црква во Полска се чини дека баењето претставува проблем, а дел од бајачките тврдат дека парите од „пациентите“ ги донираат во црквитеФотографија: DW

„Ова е црна магија. Тука низ вековите се мешале култура, вера и крв. Ова не е толку едноставно. Ми раскажуваа дека луѓето се проколнати. Овде на границата, само бајачките ги знаат старите рецепти како да се проколнат луѓето, како да им се фрли урок“, вели Марек Влоѓимиров, етнолог од Биељск Подљаски.

Во овој предел живеат уште девет бајачки, кои лечат дури и амбулантно, во камп-приколки. Термини се добиваат со закажување. Кога ние дојдовме, на една жена и’ баеја. Таа не си посакува ништо повеќе, ниту нешто помалку од среќна љубов. За бајачката Еугенија тоа не е проблем. Ние слушаме.

„Луѓето ќе се вртат кон вас. Вие веќе не се плашите од вашите непријатели. Мојата магнетна сила ефикасно ќе ве штити. Гледам луѓе кои ве сакаат. Само такви луѓе ќе ви донесат позитивни чувства. Позитивни чувства ќе добиете и вие. Секој ден, со моја и со божја сила“, вели бајачката и гатачка Еугенија Мациејевич.

Баењето се чини дека е проблем за православната црква во Полска. Секаде се трудевме да добиеме интервју: на лице место, во седиштето на округот, во Варшава - резултатот е: негативен одговор. Стар православен монах само проговори: „За бајачките тука никој нема да ви зборува. Тоа тука е премногу деликатно“.