1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исчезнал материјал од ирачка атомска централа

12 октомври 2004

Меѓународната агенција за атомска енергија објави дека од Ирак од лани, од навлегувањето на американските трупи, исчезнале специјални прецизни апарати, технологија што може да се употреби и за производство на атомско оружје. Иран не попушта во спорот околу неговата атомска програма.

https://p.dw.com/p/AcKb
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед ел Барадеј
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед ел БарадејФотографија: AP

Целиот објект на ирачката атомска централа Туваита систематски е демонтиран. Во него се наоѓала таканаречена дуал-јуз техника, која може да се користи како за цивилна, исто така и за воена намена. Веќе не можат да бидат пронајдени електронски уреди за заварување и високопрецизни машини-глодалки, кои можат да бидат употребени за градба на таканаречени валкани бомби. Таквите бомби, во кои се меша радиоактивен материјал со вообичаените составни делови, навистина немаат сила како атомските, но можат да имаат смртоносно дејство и радиоактивно да конатминираат големи површини. На сателитски снимки веќе не можат да се видат зградите на централата, предупредува шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед ел Барадеј во писмо упатено до Советот за безбедност на ОН, во кое се бара помош од сите земји-членки на светската организација во откривање на исчезнатите уреди.

Во јули годинава американската влада соопшти дека речиси два тона откриен радиоактивен материјал, кој претходно бил украден од централата Туваита, го изнесла надвор од Ирак за да спречи тој да биде злоупотребен за производство на валкани бомби.

Но, Меѓународната агенција за атомска енергија смета дека во меѓувреме исчезнат материјал веќе се наоѓа во погрешни раце.

“Ние, се разбира, се надеваме дека не се случило она од што најмногу страхуваме, зашто ако прецизните апарати се нашле во погрешни раце, потенцијално можат да бидат искористени во програма за нуклеарно оружје. Се чини дека на отпадите има развиена трговија со таков материјал што доаѓа од Ирак. Агенцијата проконтролира многу такви места но не можеше да пронајде ниеден од прецизните апарати” – рече Мелиса Флеминг, портпарол на Агенцијата.

Еколошката организација Гринпис на почетокот на август ја замоли Агенцијата да изврши потрага по остатоци од украдениот радиоактивен материјал, за да се обезбеди тој да не дојде во рацете на терористите.

Иран и натаму одбива да преговара со ЕУ за запирање на процесот на облагородување на уранот. Министерот за надворешни работи Камал Харази уште еднаш го изнесе тврдењето дека неговата земја атомската енергија ја користи само за мирољубиви цели. Тим на Меѓународната агенција денеска допатува во Иран за да изврши инспекција на воените попстројки Паршин, во кои според сомневањата од САД се работи врз производство на атомска бомба.