1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исчезнува ли ерусалимскиот синдром?

Улрике Шлајхер/Симе Недевски30 март 2013

Сцените во кои навидум сосем нормални, психички стабилни личности одеднаш паѓаат во транс и тврдат дека се Исус или Свети Петар, со години беа честа појава на улиците на Ерусалим. Сега ги има се‘ помалку. Зошто?

https://p.dw.com/p/186wx
Фотографија: Reuters

Малку пред почетокот на новиот милениум во 1999. година, израелската тајна служба Мосад создаде посебна единица под името „Одење по вода“. Нејзина цел беше заштита на Ерусалим од атентати од сите можни видови. Но, за разлика од другите единици кои се концентрирале на „вообичаени“ терористи, „Одење по вода“ своето внимание го насочи на една посебна група- христијански фанатици, поединци или пак членови на милитантни, христијански секти. Меѓу нив на пример имало 14 припадници на сектата „Погодени христијани“ од американскиот град Денвер, кои во тоа време ја очекувале апокалипсата, крајот на светот и враќањето на Месијата и истовремено го планирале нападот врз џамијата Ал Акса на Ридот на Храмот во Ерусалим. Мосад ги уапси и ги протера од земјата.

Исус, Богородица, Свети Петар

Меѓутоа, останаа други- верници во бели фустани кои гласно пејат и се молат, паѓаат во транс и тврдат дека се токму тие инкарнација на Свети Петар, Богородица, кралот Соломон и пред се’- Исус. Симптомите кои ги покажуваат, стручњаците отсекогаш ги нарекуваат ерусалимски синдром. Вакви случаи токму во годините пред почетокот на новиот милениум во Ерусалим ги имаше премногу. „Власта, полицијата, лекарите, сите бевме во состојба на готовност“, кажува раководителот на клиниката Кфар Шаул во Ерусалим, Грегори Кац. Според некои проценки, во Ерусалим во 2000 година имало вкупно 4 милиони туристи од кои околу 400.000 имале ментални, психички проблеми. Но, очекувањата дека овој тренд ќе продолжи и понатау, сепак не се покажале точни. Напротив.
Имено, во последните 10 години, бројот на личности кои во текот на престојот во овој град покажале ерусалимски симптоми, се наоѓаат во постојан пад. Дури ниту во текот на велигденските празници бројот не се зголемува. „Последен пат кога на еден ’Исус’ му пружив рака, се случи пред многу години“, кажува Кац. Иако тоа само по себе е добра вест, за стручњаците кои го истражуваат овој синдром тоа значи воедно и крај.

Главно станува збор за протестанти

Јаир Бар-Ел во 1979. година за прв пат ги запишал и ги опишал симптомите на ова ментално пореметување. Тој болните ги поделил во три категории. Тип 1 се оние кои и пред доаѓањето во Ерусалим биле психички болни, поголемиот дел од нив боледувале од некој облик на шизофренија. Тип 2 се оние кои врз основа на својата психичка конституција биле „подложни“ за ги „фати“ овој синдром и кои всушност во Ерусалим веќе дошле со некоја луда идеја, додека третата група ја сочинуваат навидум потполно здрави лица, кои во Ерусалим за прв пат ја доживеале својата психотична епизода, но кои по шест дена третмани во болница, повторно се вратиле на стара, нормална состојба. Она што им е на сите заедничко е дека поголемиот број биле мажи од западни, индустриски земји, главно самци, со низок степен на образование и оти сите растеле во строг, протестански дух.

Jerusalem-Syndrom
Грегори КацФотографија: Ulrike Schleicher
Jerusalem-Syndrom
Фотографија: Ulrike Schleicher

Интернетот ја уништил имагинацијата

Од овие три наведени типа, научниците најмногу ги интересира третиот. „Ние првенствено сакавме да согледаме до кој степен личностите зафатени со ерусалимски синдром биле свесни дека страдаат од епизода на лудило. Имено, никој од нив во потполност не го загубил разумот, со секој можеше нормално да се разговара, и сите знаеја како се викаат. Но, проблемот е во тоа што никој од нив, по враќањето во ’норамална состојба’ не сакаше да зборува за тоа. Тие се срамеа од тоа и не сакаа да се сеќаваат на ништо“, вели Кац со жалење посебно поради фактот дека вакви случаи има се’ помалку и со самото тоа веројатно нема да може да се продолжи со истражувањето.
Причината за исчезнувањето на овој симптом според негово мислење е интернетот. „Интернетот го менува општеството во целост. Тој влијае на начинот на нашата комункација, но и на нашите чувства“, кажува Кац. Тој наведува дека поголемиот број болни доаѓаат од премногу религиозни семејства и за нив доаѓањето во Ерусалим претставувало исполнување на еден голем сон.
„Тие создале сосема лични поими и слики за светите места, за атмосферата која таму владее. Но, кога конечно стигнале во Ерусалим и сфатиле дека стварноста во овој град изгледа сосема поинаку од нивните поими и очекувања, тоа кај нив предизвикало шок. Разликата помеѓу библискиот небесен град и земскиот град во Израел е толку голема што не биле во состојба да ја преработат и заболеле од овој синдром при што често станувале опасни за околината. Меѓутоа, денес во времето на интернетот секој може да се информира однапред, да види слики и филмови за овој град па никој повеќе не е во шок, ниту изненаден“, објаснува Кац.



Исус во шкотски килт

Но, и покрај тоа, Кац е уверен дека се’ уште постојат случаи на ерусалимски симдром, но само што тој нема можност да ги сретне. „За нив сега се грижат нивните христијански заедници и свештеници“, вели Кац и предлага евангелистичките цркви да ангажираат стручњаци кои ќе се занимаваат со истражување на овој феномен.
„Тоа во секој случај би можело да биде интересно“, вели и евангелистичкиот свештеник Михаел Волраб кого понекогаш навистина го посетува по некој „Исус“ или некој светец. Во центарот Викторија-Аугуста во Ерусалим каде тој работи, често навраќа еден Германец од покраината Саксонија. „Тој има долга коса, сандали, носи шкотски килт и тврди дека е Исус. Понекогаш наведува оти Мосад ги прислушкува разговорите меѓу него и свештениците“, раскажува Волраб. А во такви моменти, како што кажува, секогаш има чувство оти „се наоѓа во Еруслим некаде помеѓу сонот и јавето.“

Jerusalem Souvenir Ikone
Фотографија: AP