1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија: Во краен случај ќе „влета“ Марина

ЖА/дпа/афп/ртре/шпигел5 август 2013

Масовни протести, закани и предупредувања: борбата на Силвио Берлускони против пресудата против него поради затајување данок започна. Италијанскиот екс-премиер подготвува веќе можна замена - ќерката Марина.

https://p.dw.com/p/19JxS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поранешниот италијански премиер и лидер на десноцентристичката Народ на слободата (ПДЛ) Силвио Берлускони е против растурање на сегашната владина коалиција на левицата и десницата. Во изјава пред приврзениците и активистите на неговата партија во Рим (04.08), Берлускони рече дека владата на Енрико Лета мора да ја продолжи работата и реализацијата на својата економска програма. Берлускони реагираше откако неколку илјади луѓе се собраа пред неговата куќа во Рим, протестирајќи против решението на Врховниот суд на Италија, со кое е потврдена едногодишната казна затвор за поранешниот премиер, што судот во Милано претходно му ја изрече за даночна измама.

Тој им се заблагодари на своите подржувачи за силната подршка, но се спротивстави на нивните барања за „казнување на левицата“ и за повлекувањето на ПДЛ од владата, што би предизвикало владина криза н пад на големата коалиција.

„Оваа влада мора да продолжи да функционира за да се спроведат неопходните економски мерки што ние (како партија) ги баравме и за кои се согласивме. Она што нас како членови и гласачи на ПДЛ не‘ води, не се личните интереси, туку интересите на Италија“, рече Берлускони.

Тој досега повеќепати се соочуваше со судење и со пресуди, но ова е прв пат 76-годишниот Берлускони да се соочи со конечна пресуда и со издржување на затворска казна. Казната треба да почне да ја издржува од октомври годинава.

Според италијанските закони, ретко се случува некој над 75 години да биде испратен во затвор, па се верува дека Берлускони ке биде задржан во домашен притвор или присилен да извршува општествено корисна работа.

Тој доминираше во италијанската политика последниве две децении се до ноември 2011 година, кога поради економската криза и рецесијата во Италија, беше принуден да поднесе оставка.

Доколку Силвио Берлускони сепак мора да се повлече од политичката сцена, тој веќе подготвува свој наследник - ќерката Марина. Таа веќе го придружувана последните партиски собири и протести против пресудата, а се верува дека ќе се кандидира ако бидат закажани предвремени парлламентарни избори.