1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија - можен разурнувач на еврозоната?

Ема Валис / Александар Методијев14 декември 2012

Италијанскиот премиер Марио Монти најави своја оставка, а Силвио Берлускони во голем стил планира враќање. За тоа време европските пазари веќе сега ги покажуваат првите знаци на „нервоза“.

https://p.dw.com/p/172PZ
Фотографија: Getty Images

Овие денови не треба да се случат многу работи за пазарите да станат „нервозни“. Веста за оставката на премиерот Марио Монти, откако ја загуби поддршката на партијата на Берлускони, предизвика токму ваква реакција.

Италија и натаму е во рецесија, а неодамна објавените бројки покажуваат пад во производството. Индустриското производство во октомври падна за еден процент и тоа само во однос на претходниот месец. Во понеделникот наутро (10.20.2012) размената во три италијански банки – Монте Паски ди Сиена, УБИ и Банка Пополаре ди Милано, беше запрена, бидејќи нивните акции паднаа за пет проценти, што предизвика автоматско привремено запирање. Насловите во италијанските медиуми беа преполни со негативни коментари.

Italiens Premierminister Mario Monti
Марио Монти, италијански премиер во заминувањеФотографија: Reuters

Сепак, експертот Морја Лонго направи видео анализа во која наведува дека најголемиот ризик ќе дојде по изборите, некаде во февруари. Тој тврди дека до тогаш се’ што може да се види всушност ќе бидат само шпекулации и додава дека му се чини оти сепак постојат некои „знаци на оптимизам“. Во анализата на Лонго оставката на Монти не е изненадување, со оглед на фактот дека таа влада беше привремена. Планот за стабилизација, кој го поттикнуваше Монти, се наоѓа на добар пат и затоа единствено што е потребно е негово „одобрување“ од која било нова влада за пазарите да останат мирни.

Порака од Германија: да продолжи програмата за штедење

Таков смирувачки говор повтори и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Тој во едно интервју за неделникот „Дер Шпигел“ потсети на предупредувањето од Брисел додавајќи дека Италија не смее да запре по две третини од патот кој води низ мерките за штедење. Какво било запирање на тој пат „би довело до турбуленции, не само во Италија, туку и во остатокот од Европа“, предупредува Вестервеле.

Лонго исто така укажува на тоа дека, во споредба со периодот од пред 18 месеци, јавниот долг на Италија е главно во нејзини раце и со самото тоа и потенцијално помалку променлив. Но тој предупредува дека е многу можно, по изборите во февруари, пазарите да станат „загрижени“ бидејќи, ако владејачката партија не успее да освои јако мнозинство, сите внимателно спроведени мерки за штедење можат да исчезнат. Тоа, според неговото мислење, би бил „вистинскиот тест за пазарите“.

Враќање на „кралот“?

Малкумина веруваат дека Берлускони би можел повторно да победи, иако моменталната ситуација може да се оцени како „враќање на кралот“. Неговото повторно појавување на фудбалски натпревар потсети на неговиот влез во политиката во 1994-та година, користејќи го фудбалскиот навивачки израз „Напред Италија“ (Forza Italia) кога и го освои премиерското место. Потоа на тоа место се враќаше уште двапати, и покрај фактот дека често беше вмешан во скандали за кои следеа судски процеси.

Proteste gegen Sparmaßnahmen in Rom Italien
Италијанците незадоволни бидејќи половина од семејствата во земјата живеат месечно со помалку од 2.000 евра по домаќинствоФотографија: picture-alliance/dpa

Сепак, политичкиот аналитичар Џејмс Волстон од Американскиот универзитет во Рим смета дека победата овојпат не е можна. Неодамнешното истражување на јавното мислење покажува дека Берлускони би можел да освои околу 15 проценти од гласовите. Но, Италија и не е позната по силните мнозинства. Судејќи според анкетите, се очекува владејачката Демократска партија на Пијер Луиџи Берсани да освои двојно повеќе гласови од Берлускони, што и натаму е далеку од стабилно владејачко мнозинство. Како „антиевропски глас“ Берлускони би можел да освои повеќе гласови отколку што се очекува со оглед на непопуларните мерки за штедење, а тоа е секако нешто што и натаму ќе ги загрижува европските лидери.

Италијанското општество сега, повеќе од кога било претходно е во криза. Според истражувањето на Италијанскиот национален истражувачки центар речиси тројца од 10 Италијанци се наоѓаат на работ на границата на сиромаштијата, додека половина италијански семејства преживуваат со помалку од 2.000 евра месечни приходи по домаќинство. Ситуацијата е значително влошена во последниве две години. Премиерот во заминување Монти изјави дека е многу загрижен за иднината на Италија.