1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И букетот за Лора низ „рентген„!

21 јуни 2006

Американскиот претседател Џорџ Буш е на гости кај претседавачот на Советот на Европската унија во Виена, на редовниот билатерален самит. Непријатните теми како Гвантанамо или летовите на ЦИА во Европа, на разговорите ќе бидат спомнати само на маргините: тежиштето се става врз заедништвото. Меѓу граѓаните пак доминира друга тема: безбедносните мерки околу Буш и неговата сопруга Лора.

https://p.dw.com/p/Ac5b
Шисел даде букет, но тој мораше да биде растурен: Шисел и Буш на виенскиот аеродром
Шисел даде букет, но тој мораше да биде растурен: Шисел и Буш на виенскиот аеродромФотографија: AP

Командата во Виена ја презеде безбедносната служба на американскиот претседател, таканеречаната Сикрит сервис. Центарот на градот е затворен. Онаму каде што вообичаено купуваат туристите, или се возат со пајтони во потрага по трагите на Моцарт, владее празнотија. Стотици продавници и ресторани мораа да се затворат. Сопствениците се прашуваат кој ќе ја плати шетата. Претседателовата сопруга ја посети катедралата Штефан и една изложба за Моцарт, па поради тоа катедралата и музејот со часови беа забранети за други посети. Дури и букетот цвеќе што и го предаде сојзуниот канцелар Волфганг Шисел при доаѓањето, мораше да биде растурен и прегледан од специјалната единица.

На покана од австрискиот синдикат пак на различни протестни собири зборува мајката на еден американски војник: Синди Шенан. Нејзиниот син во април 2004 година загина во Ирак. Поради тоа, таа со недели кампуваше пред ранчот на претседателот Буш во Крофорд во државата Тексас. Познатата мировна активистка и во Виена бара од САД да ги повлечат нивните трупи од Ирак. И Европа мора да се конфронтира со претседателот поради неуспешната ирачка полиитка, вели Синди Шенан во разговор за Дојче веле:

„Џорџ Буш доаѓа овде и затоа е важно овде во Австрија да се покаже солидарност со мировното движење. Ние не смееме да ги ослободиме нашите политичари од одговорност„.

Со својот протест таа го погодува мислењето на голем дел од австриските и европските граѓани. Според една американско-британска анкета, големо мнозинство граѓани во Европската унија ја отфрла бушовата политка во Ирак. Синди Шенан:

„Воопшто не знам дали е трогнат, но јас бев во Тексас кај неговиот ранч. Бев и во Вашингтон. Тие знаат дека сум и овде„.

Три години по инвазијата врз Ирак, политичките односи меѓу европските држави и САД повторно се стабилни, велат европските дипломати. Во принцип се поддржува американскиот курс да се смири земјата. Буш, пак има намера да ги потсети Европејците на нивните ветувања за помош на Ирак. За Ирак беа ветени 13 милијарди долари на донаторската конференција, но префрлени се само 3 ипол, критикува американската администрација.

Канцеларот Шисел кој сега претседава со Унијата има намера со буш да разговара и за Гвантанамо и да побара затворање на логорот. Но, во предлог декларацијата за самитот зборот Гвантанамо не се спомнува. Различни се и ставовите околу летовите на ЦИА преку европска територија. За САД тие се долго практикувани и легални, но на тоа се спротивставуваат Европскиот парламент и Советот на Европа. Сепак, вели еден европски дипломат: „Не мораме да се сакаме, но сме си потребни: за Иран, за односот кон Хамас на Блискиот исток и за Авганистан„.