1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Гејтлин се допингувал?

30 јули 2006

Атлетскиот олимписки шампион и светски првак и рекордер потврди дека анти-допинг тестот му бил позитивен

https://p.dw.com/p/AeiH
Џастин Гејтлин
Џастин ГејтлинФотографија: AP

Уште не се стивна вревата и не е расчистена работата со сомневањата дека победникот на годинашната велосипедска трка Тур д’Франс, Американецот Флојд Лендис, бил допингуван во завршницата на трката, а веќе стигнуваат вести за нов допинг-скандал за врвен светски спортист: светскиот рекордер, олимписки шампион и светски прват во трчање на 100 метри Џастин Гејтлин.

Гејтлин вчера самиот ја потврди веста, изјавувајќи дека од американската анти-допинг агенција бил информиран оти тестот по една штафетна трка во април во Канзас Сити бил позитивен на тестостерон. 23-годишниот Гејтлин во соопштението во писмена форма вели: „тој резултат не можам да го објаснам, оти никогаш знаејќи не сум земал забранети супстанци и не сум авторизирал други лица да ми даваат такви супстанци“.

Гејтлин на 12-ти мај годинава на атлетскиот Гран-при митинг во Доха во Катар го изедначи светскиот рекорд на Асафа Пауел од Јамајка, кој изнесува 9 секунди и 77 стотинки.

Претходниот допинг-грешник, американскиот велосипедист Флојд Лендис, во меѓувреме негира дека користел недозволени средства за да обезбеди победа на Тур д’Франс и вели дека кај него било природно условено повишеното ниво на тестостерон.

Најновите допинг-афери во врвниот спорт предизвикаа и политички реакции. Претставници на партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ и на Зелените се заложија за донесување закон против допингот. Заменикот шеф на фракцијата на ЦДУ Волфганг Бозбах вели: „Веќе денес е казниво пуштање во промет, препишување и трговија со допинг-средства , но не и самото поседување. Ако сакаме да го исушиме целото допинг-мочуриште, тогаш мораме да го направиме казниво и поседувањето на допинг-средства“.