1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И за крајот, парите го вртат светот!

Силвера Падори-Кленке20 декември 2012

Берлинчани со многу фантазија го чекаат 21 декември кога според календарот на Маите се предвидува крајот на светот. Желбите за последните мигови се најразлични, но во сите главниот збор го имаат - парите!

https://p.dw.com/p/175W7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Берлинчани и гостите на престолнината не се многу загрижени од најавуваниот крај на светот. Сите оние кои деновиве ги минуваат во метрополата крај Шпре, повеќе се сконцентрирани на шопингот, уживањето во дружењето на божиќните панаѓури и вареното вино, отколку на календарот на Маите кој завршува на 21 декември 2012,. Овој датум многумина го врзуваат со крајот на светот во кој нашата планета ќе стане прашина од судирот со некаков метеор или ќе се стопи во лавата која по силен земјотрес ќе истече од од утробата на земјата. Но, иако главно сите со кои разговаравме на предвидувањата гледаа со доза на шегобијност и уживаа во предбожиќната атмосфера, немаше човек кој не чул за најавата за крајот на светот. На прашањето што би правеле во последното деноноќие добивме одговори со многу фантазија во кои главниот збор, без исклучок беа парите! Значи и во најцрните прогнози - парите го вртат светот.

„Октопус“ за скромниот биолог

„Па последниве часови би сакал да ги минам на една од најубавите јахти на светот. Зборуваме, нели, доколку имам пари? Да, но имам меѓутоа дилема дали би ја одбрал 160 метри долгата ’Еклипса’ на Роман Абрамович или ’Октопус’ на основачот на Мајкрософт Паул Ален.Сепак не сум по претераниот луксуз, па скромно би се решил за втората, која иако е 40 метри помала од ’Еклипса’ е повеќе по мој вкус. Меѓу другото има кино каде попладнево би го гледал последниот Џемс Бонд. Па час и половина би минал во сауна. Потоа, во музичкото студио на ’Октопус’ би ги поканил на последна свирка Џо Кокер, Стоунсите и Грејс Џонс. Па сите заедно и се разбира моите пријатели и семејството последната вечера би ја добиле од готвачот со куп звездички или поточно уметникот во готвењето Хајнц Винклер. Пред полноќ со подморницата од ’Октопус’ со мојата партнерка и синот би заминале во длабочините на морето. И доколку удри метеор или се отвори утробата на земјата таму нека ни биде и заедничкиот крај“, е фантазијата на четиресетигодишниот биолог од Вединг, Александар, кој како вели неизмерно го сака морето, а го мрази објективот и кој место на пространата морска широчина 21 декември ќе го дочека во дневната соба на својот дом.

Партија шах со светскиот првак

Хелга и Андреас, кои се во брак три денцении, пред крајот на светот како велат сакаат да си ги наполнат очите со убавини, па дојдоа во најубавата стоковна куќа во Берлин (КаДеВе) каде ги најдовме меѓу раскошните стаклени украси за елка.

„Кога би знаел дека ова е навистина последен ден би го надминал лимитот на мојата кредитна картичка. Би си купил на пример најскапа гарнитура шах за мојата последна партија која би ја одиграл со светскиот шампион Индиецот Вусвантан Ананд. Би се напил и чашка луксузен коњак од 20.000 евра колку чини мојот автомобил и би си дозволил и кутија од најскапите Хаванки. Па уште ако го победам Ананд, може десетпати да дојде пропаста на светот“, со орна насмевка за ДВ вели наставникот по математика Андреас Вагнер.
Хелга уште од лани следи се’ што се пишува околу крајот на светот. Кога би имала малку повеќе пари како вели сега би била во Турција, во селото Сиринче кое се наоѓа на посебна енергетска крстосница и каде многумина со длабок џеб веќе од поодамна се стационирале.
„Прочитав дека таму треба да пристигне Исус кој ќе ги спаси сите оние кои токму таму ќе го чекаат. Протестантка сум по вероисповед и во дел од секундата пред некој месец и си помислив дека треба да ја испразнам сметката и да заминам во Турција, но потоа се свестив дека се се тоа приказни. Вака е посигурно, ако дојде крајот - ќе биде за сите: богати, сиромашни, стари и млади“, размислува гласно Хелга Вагнер.
„Се’ се тоа глупости“, смета Катерина Милер која не верува во крајот на светот. Но доколку има можност да избира што би правела последната вечер пред „можниот крај на светот“ , вели би сакала да го слуша во живо Ланг Ланг! И тоа во дворецот Шарлотенбург. „Можеби не е многу креативно, но тоа ми е желба, која и онака нема да се исполни зашто и утре ќе ја имам за исплата истата рата од кредитот и ќе го испијам попладневниот чај со сосетката Вилма“, дополнува Катерина.

Ноќ во Адлон со Дита фон Тиз

.„Одбројувањето започна! Имаме за живот само уште малку часови. Затоа и одлучив со моите најдобри пријатели Теодор и Михаел со кои сме неразделни 20 години, и последниот ден да го минеме во тројка. И тоа еве најпрво кафенце на Витенберг плац, па попладне одиме со друштвото на уште една пијачка, а вечерта се надевам дека ќе успее да влеземе во клубот Феликс. Па што ќе не трефни на полноќ, како за сите - така и за нас“, го кажува еуфорично распоредот за денот таксистот Ули, кој како вели си зел два слободни дена – за секој случај.
„Би си зел апартман во хотелот Адлон! Како шеиците! Би побарал да ме двори само и исклучиво женски персонал. Сакам последните мигови од овој живот да ги минам со Дита фон Тиз. Ако треба би и‘ платил и сто илјади евра“, е сонот на Арнолд, дваесетитригодишен касиер во самопослугата Кајзерс.
И Бетина, Кристијане и Алис посакуваат да потрошат многу пари во последното деноноќие до крајот на светот. Како и што им наликува на годините (18) цело богатство би дале за луксузна гардероба. Би се облекле од глава до петици со маркички: Диор, Ив Сен Лоран, Луј Витон, Кензо и би продефилирале низ клубовите во Кројцберг и Нојкелн.
„И да не заборавам. Го обожавам Роберт Патисон и доколку последната прегратка е со него, прифаќам се’...“, вели црномурестата Алис, додека Кристијане е категорична: „Во последната ноќ пред крајот на светот доаѓаат предвид само момчињата од „ Уан дирекшн“ и никој друг“.
И веројатно има право: само „Уан дирекшн“ и односно една насока и ништо друго води до наредниот ден, до 22 декември!

Weltuntergang in Luxus Deutschland
Гардероба од топ креатори, „Крвопиецот“ Роберт Патисон и „Уан дирекшн“ ги сакаат за последно Бетина, Кристијане и АлисФотографија: DW/S. Padori - Klenke
Weltuntergang in Luxus Deutschland
Кога би имала пари, Хелга Вагнер сега би била во енергетското турско село Сиринче!Фотографија: DW/S. Padori - Klenke