1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Земан против Нечас?

ЕМФ/ртр15 јуни 2013

Притисокот врз чешкиот премиер Петр Нечас станува се‘ поголем по последните рации во кругот на негови блиски соработници. По опозицијата, сега и претседателот Милош Земан индиректно побара оставка на владата.

https://p.dw.com/p/18qWn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Милош Земан (на насловната фотографија), кој инаку одамна е политички противник на премиерот и неговата централно-десничарска влада, денеска (15.06) изјави дека станува збор за сериозни обвинувања. „По информациите што ги добив од шефот на полицијата и обвинителствoто, дојдов до заклучок дека тие се засноваат на доволно докази“, рече претседателот, кој досега се воздржуваше од јавни изјави за случајот.

Полицијата неделава, под сомневање за организиран криминал, изврши претрес на кабинетот на премиерот и приватните простории. Меѓу другото, претрес беше направен и во канцеларијата на шефицата на неговиот кабинет Јана Нагијова, која е меѓу осомничените и е уапсена. Денеска судот донесе одлука дека Нагијова мора да остане во притвор. Во фокусот на истрагата се и двајца соработници на воената тајна служба. Едно од обвинувањата на нивна сметка гласи - злоупотреба на тајната служба. Двајца поранешни чешки пратеници се исто така под сомневање дека се откажале од мандатот во замена за пари. Се‘ уште не се познати сите детали од обвинувањата, но се претпоставува дека станува збор за најголемата корупциска афера во земјата во последните 20 години.

Polizei-Razzia in Regierungszentrale Tschechien
Премиерот Нечас ги отфрла обвинувањатаФотографија: Reuters

Нечас досега ги отфрла сите обвинувања и рече дека нема намера да поднесе оставка. Опозиционите социјалдемократи најавија гласање за доверба на владата, најверојатно во вторник (18.06). Владата на Нечас нема сигурно мнозинство во парламентот и зависи многу од коалициониот партнер, кој досега се нема изјаснето за целата афера.