1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И имигрантите слават Божиќ

25 декември 2010

Божиќ го слават и преку 15 милиони граѓани од странско потекло, колку што живеат во Германија. Сите тие со себе ги донесле своите божиќни обичаи, кои често се мешаат со домашните.

https://p.dw.com/p/zpYV
Фотографија: picture-alliance/ZB

Руско-православното семејство Шнајдер оваа година за прв пат печеше божиќни колачи. Идејата за тоа дојде од најмладиот член на семајството, Мартин. Тој од сите германски пријатели во училиштето слуша како нивните семејства пред Божиќ задолжително печат колачи. Тој неизоставен ритуал од германското културно подрачје, полека го презема и семејството Шнајдер, кое пред десет години се пресели од Русија.

Двоен Божиќ

Семејството Шнајдер можеби е значаен пример за тоа на кој начин германските обичаи се шират и во странските семејства - преку децата кои во училиште или градинка најлесно се социјализираат. Децата многу брзо го учат и јазикот. „Мене ми се допаѓаат тие обичаи, бидејќи на некој начин нас двојно не‘ поврзуваат со општеството во кое живееме, а го разубавуваат и предбожиќното расположение“, вели мајката на Мартин, Елена Шнајдер.

Тука има уште една предност на мултикултурниот Божиќ: овој празник семејството Шнајдер го слави два пати: прво католичкиот (на 25.12.), а две седмици потоа и православниот. Тоа значи и двојно повеќе божиќни подароци, за кои посебно се радува Мартин. „Така секој профитира од две култури“, вели Елена Шнајдер.

NO FLASH Weihnachten in Thüringen
Фотографија: picture-alliance/ZB

Важно е да се слави

Но, додека на христијанското семејство Шнајдер „дуплирањето“ на Божиќ не му паѓа тешко, имигрантите од земјите во кои христијаните се малцинство, прво треба, такаречи, да се „спријателат“ со празниците. Тургај Тургут е роден во Германија, но во неговото семејство кое пристигнало од Турција, Божиќ никогаш не се славел. Најлошо било тоа што во училиштата, порано или подоцна, главна божиќна тема била - кој и што добил за подарок.

„Ние, турските деца, тоа се‘ го слушавме внимателно и секако бевме завидливи“, вели Тургут. Некои обичаи, како подарување подароци на Свети Никола или украсување на куќата за Божиќ, семејството на Тургут ги прифатило, но Божиќ не се славел, туку едноставно бил слободен ден како и секоја недела, објаснува Тургут.

Денес Тургут е татко, и во неговото семејство Божиќ има значајна улога. „Важна е забавата, а фактот дека ние не сме христијани, не не‘ спречува празнично да прославиме“, вели Тургут. Притоа, во прв план доаѓа она славеничкото, како украсување божиќни дрвца и подароци, додека верската димензија се губи.

NO FLASH Weihnachten in Hamburg
Фотографија: picture alliance/dpa

Атеистички Божиќ

Германско-индиското семејство Патхак, од Бергиш Гладбах, исто така секоја година се подготвува за Божиќ. Но, за главата на семејството Рају Патхак, Божижќ не е празник, и покрај тоа што тој внимателно го украсува станот и божиќното дрвце, дури и‘ помага и на својата жена Ерика во печење колачи. Рају, помалку или повеќе, себеси се доживува како набљудувач на ритуали во кои учествува останатиот дел од неговото семејство. Рају е атеист и за него сите празници со верски корени, дали хиндуистички или христијански, се без значење. Но, во божиќните обреди учествува „толку долго, колку што семејството тоа од мене го бара“, вели Рају Патхак.

За многумина доселеници од други верски и културни средини, Божиќ, на крајот, сепак, пред се‘ претставува време кое ќе го поминат заедно со своето семејство.

Автор: Надја Баева/ Владимир Калински

Редактор: Александра Трајковска