1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Летонците плаќаат со евро

ЕМФ/дв1 јануари 2014

Летонија од денеска е 18-та членка на еврозоната. Во Рига воведувањето на еврото се славеше со огномет. Но, не сите Летонци се среќни поради тоа.

https://p.dw.com/p/1Ajx7
Фотографија: Ģederts Ģelzis

Летонскиот премиер Валдис Домбровскис првите евра од банкомат во центарот на Рига ги извади неколку минути по полноќ (1.01). „2014-та е историска година за Летонија“, рече премиерот, според кого, по приклучувањето на земјата во ЕУ и НАТО, воведувањето на еврото е „наредниот логичен чекор“ во процесот на интеграција на оваа балтичка држава во западниот свет.

Шефот на Летонската цантрална банка Илмарс Римсевикс оцени дека воведувањето на еврото е „многу повеќе од проста промена на валутата“. Со тоа Летонија се враќа целосно во Европа, нагласи тој, додавајќи дека еврозоната добива земја „која работи напорно“ и која во моментов има најголем пораст на економијата во ЕУ.

Воведувањето на еврото е круна на економската санација на Летонија, која кон крајот на 2008 година се наоѓаше пред банкрот. Со железен курс на штедење и реформи оваа држава ја надмина кризата и суверено ги исполни критериумите за приклучување кон монетарната унија.

Латвија го чека и стравува од еврото

Летонија, по Естонија, е втора балтичка земја во еврозоната. Наредната година би требало да следува и третата држава од регионот - Литванија. Во Летонија цените се прикажувани паралелно во евра и лоти (досегашната валута на земјата) уште од октомври. Лотите остануваат во промет до средината на јануари.

Со приклучувањето на Летонија еврозоната се прошири на 333 милиони луѓе. Во анкетите направени непосредно пред преминот од старата во новата година повеќе Летонци се изјаснуваа против приклучување кон еврозоната отколку што беа „за“, но бројот на скептичарите постепено повторно се намалува. Досегашната валута во Летонија повеќе од 20 години важеше за симбол на независноста на таа држава од Советскиот сојуз, чиј дел Летонија стана против своја волја по крајот на Втората светска војна.

Валутата воведена во март 1993 година стана централен реформски елемент при преминот од планско кон пазарно стопанство. Емоционалната врзаност со лотите, покрај стравот од раст на цените, е една од главните причини за евро-скепсата во Летонија. Збогувањето со лотите треба да го олесни летонскиот мотив на монетите од едно и две евра (прикажана е Летонка во народна носија, н.з.). Сепак, разделбата паѓа тешко - песната „Палдис Латинам“ (во превод „Благодариме, мали лоти“) стана интернет-хит во Летонија.