1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И муслиманите прават шеги

7 јуни 2009

Поради терористичките напади и спорот со карикатурите на Мохамед, малкумина западноевропејци го поврзуваат арапскиот свет со хумор, вицеви или смеење. Но, исламските арапски земји во никој случај не се зона без хумор.

https://p.dw.com/p/I3sO
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Токму авторитарните режими, како оние кои во моментов владеат во арапскиот свет, ги давале отсекогаш најострите сатиричари. Но, и денес творците на политички или религиозни вицеви ризикуваат затворска казна или дури и својот живот. Сепак, арапската култура поседува неверојатно богатство на литература полна со хумор, иако многу од неа денес во арапските земји не може повеќе да се публикува, како жртва на цензурата.

Исламот и шегите

Кога Шациа Мирца застанува на бината во Лондон, со црна шамија и скромно облечена, за луѓето е тоа необично, зашто таа е жена и кажува шеги на сметка на исламот. Хумор, иронија, сатира во арапско-исламската култура, тоа за ушите на луѓето од Запад звучи речиси парадоксално.

Во времето по терористичките напади од 9 септември 2001 година и спорот со карикатурите на Мохамед, во кое исламот во медиумите претежно се појавува во контекст на закоравените и полни омраза мули и забулени жени, луѓето на Запад често забораваат дека и под шамијата има смеа и дека досега на ниедно општество, на ниеден властодржец и цензура не им успеало да го искорени хуморот.

Мароканскиот публицист Дрис Ксикес почувствува како реагира власта на непожелен хумор:

„Моите сонародници се исклучително духовити. Во нашата земја постојат многу шеги. Така дојдовме на идеја во нашиот магазин да објавиме цела историја за мароканските шеги.“

Ксикес притоа бил нападнат не само од фундаменталистите, туку и од државата, која го забранила магазинот. Против него, како издавач, бил поведен судски процес. Ксикес бил осуден на казна затвор од три години, казната била одложена.

Мароко, татковината на Ксикес, всушност важи за релативно либерална во однос на другите арапски држави, но денеска човек веќе не знае што може од некого да се сфати како навреда, смета новинарот.

За луѓето од Запад е тешко да се смеат на арапските шеги, зашто премалку знаат за тамошната политичка ситуација, за главните фигури, религијата и општеството. Од друга страна, муслиманите брзо се навредуваат ако на Запад се смеат за исламот. За експертот за ислам, Томас Бауер од Колегот за наука во Берлин, тоа е поврзано со чувството на подреденост:

„Муслиманите не престанале да бидат духовити, тие само се наоѓаат во политичка ситуација во која хуморот не е пожелен. Тоа значи, се сака сопствената позиција да се претстави како затворена, цврста, затоа што човек се чувствува во дефанзивна позиција. Тоа почнува во колонијално време и трае и денес. Во оваа дефанзивна позиција, не се сака преку хуморот да бидат ставени под прашање исламските основни вредности, особено не отстрана. “

Арапската литература изобилува со хумор

Ако хуморот во арапските култури се посматра историски, тогаш се зборува за огромно богатство. Едно литературно дело, кое во Европа е речиси поценето отколку во арапскиот свет, се приказните од илјада и една ноќ. Ориенталистот Клаудиа От наново ги превела приказните и притоа ги ослободила од источните проекции. Во илјада и една ноќ постои хумор од сосема друг вид отколку во шегите од секојдневието.

Bildgalerie Ausstellung 1001 Nacht – Wege ins Paradies in Bremen
„Илјада и една ноќ“, книга полна хуморФотографија: Omneia Asaad

„Илјада и една ноќ е книга полна хумор, во целото издание, каде е прикажана немилосрдноста на еден султан, кој секоја ноќ ги погубува своите жени, но на крајот е совладан и обезоружан со приказни, кои секоја ноќ му ги раскажува неговата жена и ги прекинува во зорите на најинтересното место, тоа е варијантна полна хумор.“

Денеска ова би било наречено класична телевизиска серија, но таа не е пронајдок на авторите на американските сапунски опери, туку литературна мајсторија од арапската литература.

Голем дел од старата арапска литература денес е жртва на цензурата. Порано, во времето на класичната арапска литература, вели експертот по ислам Томас Бауер, можело значително послободно да се пишува и објавува отколку денес. Па и за темите во врска со религијата:

„Постојат се разбира и табу теми, не се прават шеги на сметка на пророкот, на Коранот. Но границите порано биле енормно пошироки.“

И приодот на темата сексуалност во литературата бил сосема поинаков:

„Тогаш навистина немало никакви табуа. Од времето на колонијализмот во исламскиот свет беше преземен еден вид викторијански пуританизам, денес за разлика од порано темата сексуалност е целосно табу. Такви шеги, кои ги има доста во класичните збирки, денес воопшто не се објавуваат.“

Според истражувачот на исламот Улрих Марцолф, сфаќањето на Западот за исламскиот свет е многу ограничено. Доминираат економските и политичките аспекти, а културата не игра никаква улога. А притоа време е да се развие свеста за заедничките корени на арапско исламската и европската култура:

„Може да се констатира дека арапските вицеви од различни извори се рашириле преку пренесување од европски луѓе, важни извори на пренесување се на пример се проповедниците кои биле на исток во време на крстоносните војни и оттаму донесел материјали, важни области се и трговците и трговските контакти на истокот со Венеција.“

Дали Запад тоа го гледа или не, во арапската култура сепак и натаму ќе има вицеви и смеа. Иако, понекогаш за тоа е потребна и многу голема храброст.




Автор: Андреа Лиг/ Жана Ацеска