1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Сенатот го усвои законот за повлекување од Ирак

Кристина Бергман / Вашингтон27 април 2007

Претходно тоа го стори и Претставничкиот дом на Конгресот на САД. Претседателот Џорџ Буш веќе најави дека ќе стави вето

https://p.dw.com/p/Adrj
Хери Рид зборува во Сенатот
Хери Рид зборува во СенатотФотографија: AP

Во гласањето за законот, со кој средствата за воените ангажмани во странство се условуваат со рокови за повлекување на трупите од Ирак, во Сенатот немаше поголеми изненадувања: 51 глас за, при што тука на Демократите им се приклучија и двајца републикански сенатори, 46 беа против, меѓу нив и независниот сенатор Либерман.

И во дебатата пред гласањето беа повторени познатите аргументи. Водачот на демократското мнозинство Хери Рид во завршниот збор кажа: “Никој не посакува повеќе од мене нашата нација да има успех на Блискиот Исток. Но, јас знам дека по 4 години лош менаџмент и некомпетентност од страна на оваа влада, нема магична формула или чудесно оружје кое ќе води до победа, за која сите ние толку копнееме. Сепак, верувам дека постои пат што ќе ни овозможи војната одговорно да ја завршиме, да ги сочуваме нашите стратегиски интереси, да ја гарантираме нашата безбедност и да бидеме во подобра ситуација да му дадеме долгорочна подршка на Ирак, што ќе му биде потребна во наредните години”.

Демократите сметат дека тој пат води преку усвоениот закон. Со него од ирачката влада се бара до 1-ви јули да ги разоружа милициите, да го запре верски мотивираното насилство, да ги интегрира членовите на некогашната БААС-партија и да ја распредели добивката од продажбата на нафта. Ако тие услови не бидат исполнети, повлекувањето на американските трупи ќе започне веднаш и ќе заврши најдоцна до крајот на годинава. Ако бидат исполнети, повлекувањето се одложува до 1-ви октомври и ќе треба да заврши до крајот на март.

“Ако Ирачаните ги исполнат условите, ќе си одиме. Ако не ги исполнат, пак ќе си одиме. Тоа не е можност за избор, туку мандат за пораз, што Ал Каеда очајнички го посакува” – коментираше републиканскиот водач во Сенатот Мич МекКонел.

Демократите сметаат дека ја имаат јавноста зад себе, оти во меѓувреме повеќе од половината Американци се за повлекување од Ирак. Претседателот Џорџ Буш, пак, како што рече портпаролот Дана Перино, не сака конкретен термин за повлекување. Законот ќе му виде поднесен на Буш в понеделник. Тој уште претходно најави вето. Затоа зад кулисите веќе се работи врз компромис.