1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И социјалистите ги протеруваат Ромите од Франција

АТ/ афп/ ртр10 август 2012

Во Франција се расчистуваат кампови и станови на Ромите имигранти. Стотици се вратени назад во Романија. Социјалистите сега се на удар дека продолжуваат со праксата на протерување на екс-претседателот Никола Саркози.

https://p.dw.com/p/15nSe
Фотографија: PHILIPPE HUGUEN/AFP/GettyImages

Припадниците на ромското малцинство треба да бидат предупредени: изминатите недели при рации во Париз и Лион стотици доселени Роми без валидни документи беа принудени да ги напуштат нивните домови. Новиот министер за внатрешни работи Мануел Валс се закани со строги мерки.

Но, не само тамо, во близина на северно-францускиот град Лил исто така многу семејства со својот личен имот се најдоа на улица и мораа да и‘ се препуштат на судбината. Додека властите таму протеруваа околу 200 Роми од нивниот нелегелно подигнат камп со приколки, други 240 Роми од Лион со авион ја напуштија земјата во правец на Романија.

Официјално властите аргументираат дека расчистувањето на камповите било поради поплаки од населението. „Затегнатоста стана неподнослива“, изјави заменикот градоначалник на градот Вилнев Даск, Меривон Жирард. Министерот Валс претходно информираше дека хигиенските услови биле неподносливи. Камповите биле подигнати сред работнички населби и го попречувале тамошниот општествен живот.

Во Франција се претпоставува дека живеат 15.000 до 20.000 Роми што е мал дел од милионите доселеници. Но, поради тоа што чергарат, делумно агресивно просат и ги фаќаат како џебџии, се многу оспорувани. Критичарите сега му префрлуваат на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд дека наводно продолжил со строгата политика на неговиот претходник Никола Саркози и за Ромите не се нуди никаква перспектива.

Ausweisung Roma Frankreich
Во колички за купување и пластични ќеси Ромите ги транспортираат своите работи од илегалниот камп крај ЛилФотографија: Reuters

Роселин Тисе од Лигата за човекови права се жали дека Оланд го прекршил ветувањето од изборната кампања, на Ромите во случај на расчистување на камповите да им понуди алтернатива или преодни сместувалишта. „Ние очекувавме нешто подобро поради зборовите на претседателот Оланд“. Исто така и свештеникот Патер Артур е „разочаран“ од социјалистот. Неговиот претходник Саркози барем беше искрен, што сака да направи, вели свештеникот.

Доброволно враќање или прикриено протерување?

Во меѓувреме во четвртокот (09.08) околу 240 Роми со чартер лет од Лион беа вратени во романскиот главен град Букурешт. Според властите, тие се вратиле доброволно во земјата на потекло, во рамките на една програма која предвидува паричен надомест од 300 евра за возрасен и 150 евра за дете. Ова беше најбројно враќање по изборот на Оланд.

Активистите за човекови права критикуваат дека враќањето е „прикриено протерување“. Освен ова се расфрлаат само државни пари, оти многу од Ромите наскоро повторно ќе се вратат во Франција.

Претходникот на Оланд, конзервативниот екс претседател Никола Саркози во 2010. година поради неговата ригидна политика кон ромското малцинство беше критикуван во цела Европа. Опозицијата го обвини дека со неговите напади врз Ромите сака да собере гласови меѓу екстремната десница. Комисијата на ЕУ му се закани на Париз со казнена постапка поради групното протерување, бидејќи на тој начин се крши европското право за слободно движење. По жестокиот спор, сепак Комисијата се откажа од санкции.