1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И со 90 години во служба на државата!

24 февруари 2012

Владислав Бартошевски, политичар, легендарен борец на отпорот во Полска, преживеан од Аушвиц, наполни 90 години. „Страсниот хуманист“, како што го означи нобеловецот Хајнрих Бел, е поим за чесност и пристојност.

https://p.dw.com/p/149Wq
Фотографија: dapd

Професор Владислав Бартошевски во неделата (19.02.2012) наполни 90 години. Неговиот животен пат е неповторлив: логораш од Аушвиц, учесник во Варшавското востание, прогонуван од сонародниците во комунистичка Полска, предводник во помирувањето, дипломат, државен секретар, министер за надворешни работи, историчар, новинар и автор на многубројни книги. Што уште може да си посака човек со таква биографија?

„Мислам дека до денес водам исполнет живот. Иронија на судбината е дека во служба на јавноста стапив дури на 68 години, оти дури тогаш Германија се обедини, Полска се ослободи и Европа се преуреди. Дотогаш, до 1989-90, живеев како и Германците од ГДР, Бугарите, Романците, Чесите, Словаците - угнетен, со ускратена можност за слободно изнесување на ставовите и за слободно работење“, вели Владислав Бартошевски. Во врска со неговите планови, тој нагласува: „Би сакал да напишам уште 2-3 нови книги, одамна се планирани, а имам намера годинава да започнам. Во актуелната политика сум еден од ценетите советници на премиерот Доналд Туск и во таа улога можам да продолжам понатаму, иако луѓе на моја возраст изразито ретко работат како државни службеници и, воопшто, не се во никаков работен однос. Но, јас сакам да умрам ’во од‘, да бидам активен и задоволен до последен миг“.

Wladyslaw Bartoszewski als Häftling in KZ Ausschwitz
Владислав Бартошевски како логораш од АушвицФотографија: Wladyslaw Bartoszewski

„Се исплати да бидеш пристоен“

Со оглед на животното искуство, каков совет може да му даде Владислав Бартошевски на млад човек во врска со личниот живот, јавниот ангажман, или кога треба да се донесе тешко решение - како да го стори вистинското?

„Би рекол: Стар сум и ме радува што животот го водев според принципот ’Се исплати да бидеш пристоен’. Им посакувам и на другите да дејствуваат така, што ќе можат без срам во огледало да си погледаат в очи себе си, но и на другите луѓе - во семејството, во кругот на пријателите. Навистина, материјално не се исплати секогаш да бидеш пристоен, но морално, во однос на темелните вредности, се исплати за секој човек. Јас секогаш постапував според тој принцип - како во заробеништво, така и потоа, кога бев ослободен“.

Војна во Европа - незамисливо, освен за некои на Балканот

Бартошевски го преживеа Аушвиц, а по војната се залагаше за германско-полско помирување. Уверувањето дека тоа ќе биде можно, како што самиот вели во разговорот за Дојче веле, го црпел од чекорите на Аденауер и де Гол за германско-француско помирување, а и од визиите на Шуман и Моне за европско обединување. „Единствениот пат е во заедничката иднина. Се разбира, емоциите на луѓето, искуствата на една генерација играат улога притоа, но решавачки за темелот на таа иднина се здравиот човечки разум и заедничките, сепак христијански и човечки корени на Европа од раниот среден век до денес“, нагласува Владислав Бартошевски.

Ehemaliger Außenminister Polen Wladyslaw Bartoszewski im ehem Konzentrationslager Auschwitz
Владислав Бартошевски во некогашниот концентрационен логор АушвицФотографија: AP

Тој има искуство со две големи диктатури од минатиот век. Како од денешна перспектива ја оценува актуелната состојба во Европа? „Напредокот е многу голем“, категоричен е Бартошевски и аргументира дека ниеден граѓанин на ЕУ денес не може да си замисли војна на нашиов континент како инструмент за спроведување какви било политички или економски цели. „Тоа по малку уште се наоѓа во главите на Балканот, но освен тој исклучок во Европа веќе го нема“. Европа многу страда од дефицити, што најчесто резултираат од долгогодишната поделба на континентот, вели тој и бара трпение и разбирање едни за други.

„Секој човек носи одговорност за своите дела“

Владислав Бартошевски е носител на почесната титула „Праведник меѓу народите“ за ангажманот за спасување на Евреите за време на националсоцијализмот, ризикувајќи го сопствениот живот. Овековечен е во Градината на праведните во меморијалниот комплекс Јад Вашем во Ерусалим, единствен европски министер за надворешни работи е, кој е прогласен за почесен граѓанин на Израел. „Секој човек носи одговорност за своите дела“, е неговата порака до младите, за нивната одговорност за иднината. „Не се грев само лошите дела, лошите зборови, туку и пасивноста, ставот ’без мене‘, неучествувањето во добри дела. Младите луѓе треба така да го уредат својот живот, за да бидат задоволни со самите себе. А тоа задоволство ќе произлезе од уверувањето дека постапиле на вистински начин“.

Ehemaliger Außenminister Polen Wladyslaw Bartoszewski mit ehem Bundespräsidenten Richard von Weizsaecker
Поранешниот полски министер за надворешни работи Бартошевски со поранешниот германски претседател Рихард фон ВајцекерФотографија: AP

Автор: Барбара Келен/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска