1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Србија и Косово повикуваат на локални избори?

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски25 јули 2013

Белград, Брисел и Приштина се согласни дека се неопходни конкретни мерки, за да се обезбеди излегување на Србите на локалните избори закажани за 3. ноември на Косово. Дачиќ и Тачи разговараа и за други важни прашања.

https://p.dw.com/p/19E2u
Фотографија: European External Action Service

„Србија така би добила легитимни, легални и меѓународно признати претставници“, вели премиерот на Србија Ивица Дачиќ. Иако во Брисел очекуваа дека 14. рунда разговори меѓу премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, и на Косово, Хашим Тачи, би можела да доведе до усогласување на договорот и формулација на решенијата за телекомуникација и енергетика, околу прашањето за повикувачкиот број за Косово, како и за управување на езерото Газивода, кај Зубин Поток, и натаму нема конечно решение.
„Останаа некои технички прашања кои мораат да бидат разјаснети“, изјави премиерот на Косово, Хашим Тачи, по завршувањето на вчерашниот (24.07.) состанок во Брисел: „По 2 години работа на техничките тимови видовме добра волја. Има уште некои прашања да се разгледаат во наредните денови.“
Премиерот на Србија оценува дека во „наредните 7 до 10 дена, би требало да се дојде до договор за телекомуникацијата и енергетиката, и најавува продолжение на работата на техничките групи.

Без целосна согласност, но со меѓусебно разбирање

Според оценката на двете страни, направен е напредок во усогласувањето на процедурата за организирање локални избори во општините со српско мнозинство во Косово. За да се создадат услови Србите да учествуваат на локалните избори закажани на 3. ноември на Косово, според зборовите на српскиот премиер, е дефинирано дека Србите кои живеат на Косово можат да гласаат со своите постоечки документи, потоа да се овозможи гласање и на привремено раселените од Косово и да се обезбедат места за учество на Србите во Централната изборна комисија и другите изборни тела.
„Во наш интерес е Србите да учествуваат на локалните избори, не само за да се потврди Бриселскиот договор, или да се потврди некаква приштинска независнот, туку, пред се', за да си помогнеме самите себеси, на Србија и на нашиот народ, односно Србија за прв пат да добие легитимни и легални меѓународно признати претставници, кои досега многумина ги нарекуваа „илегални институции“, изјави Дачиќ.
Косовскиот премиер нагласува дека повикот од Белград упатен на косовските Срби да излезат на ноевриските избори на Косово е „важен“, а оти приштинската страна ќе ги спроведе сите подготовки „и законски и уставни“ за да можат да учествуваат граѓаните на северот, и тоа во што поголем број, на тие избори.

Правосудството најпроблематично

И додека новата рунда преговори меѓу Србија и Косово е закажана за 27. август, и во Белград и во Приштина и во Брисел нагласуваат дека работата на примена на бриселскиот договор ќе продолжи и во текот на „летната пауза“: „Имплементацијата е апсолутен клуч. Време нема многу, а усвоените планови се амбициозни“, изјави портпаролката на шефицата за дипломатија на ЕУ, Маја Коцијанчиќ.
Покрај телекомуникацијата, енергетиката и организирањето на локалните избори, двете страни разговараа и за интеграција на некогашните припадници на српската полиција во косовските институции, при што нема да им бидат потребни косовски документи за прием во постојан работен однос, а заклетвата на независната косовска држава би била изменета во статусно неутрален текст. Според оценката на Белград, двете страни се моментално најодалечени кога станува збор за правосудството односно за основањето и работењето на судовите и обвинителствата во српските средини во Косово.

EU Außenpolitik Ashton, Dacic und Thaci in Brüssel OVERLAY
Фотографија: picture-alliance/AP