1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И твитови и лајкови: Кампањата ќе ги сардиса социјалните мрежи

Катерина Блажевска21 февруари 2014

Дел од партиите подготвуваат и тимови и стратегија за освојување на неопределените гласачи преку социјалните мрежи, други одбиваат да зборуваат за тоа, што не значи дека не се подготвени за жестока интернет-офанзива

https://p.dw.com/p/1BBs9
Фотографија: Reuters

Социјалните мрежи во Македонија се повеќе стануваат модерна агора, електронски форум за презентација на ставовите на политичарите и место со „двобој“ со нивните конкуренти. Веќе е извесно дека испраќањето политички пораки ќе добие уште поголем интензитет со почетокот на изборната кампања за претседателските, а можеби и за предвремени парламентарни избори. Практиката покажа дека македонските политичари и надвор од изборен период активно ги користат социјалните мрежи за да ги информираат граѓаните за нивните активности. Таа шанса нема да ја пропуштат за да се обратат до гласачите пред еден од најважните демократски процеси - изборите. Дел од партиите веќе подготвуваат и тимови и стратегија за освојување на неопределените гласачи преку социјалните мрежи, други одбиваат да зборуваат за тоа, што не значи дека не се подготвуваат за жестока интернет-офанзива.

На два фронта

Во најголемата опзициска партија, СДСМ, велат дека изборната кампањата ќе биде комбинирана и фокусирана на два „фронта“ - на средби со граѓаните и на социјалните мрежи.

Politik Skopje, Mazedonien
Промоција на програмата преку социјалните мрежи- СДСМФотографија: Petr Stojanovski

„Со оглед на медиумскиот мрак, со оглед на тоа што најголем дел од медиумите се под контрола на власта и активностите на СДСМ речиси и не се пренесуваат, СДСМ е целосно посветена на директни средби со граѓаните и на контакти преку социјалните мрежи. Максимално сме фокусирани на двете форми на комуникација. И во интернет активностите се доминантни двата аспекта - промоција на Програмата на СДСМ и разоткривање на криминално-корупциското владеење на власта. Исто како што веќе неколку месеци се во тек директни средби со граѓаните на кои се промовираат решенијата на СДСМ интерес на граѓаните, но и документирано разобличување на криминалното владеење на власта. Поконкретните активности за кампањата ќе бидат објавени кога ќе биде промовиран кандидатот на СДСМ за претседател на државата“, објаснуваат од партијата.

Во владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не сакаат да зборуваат во која мера својата кампања ќе ја насочат кон социјалните мрежи, но практика покажува дека нивните претставници се многу активни и на Фејсбук и на Твитер. Твитер профилот на премиерот Груевски е поврзан со неговиот профил на Фејсбук, на кој има 100.000 фанови. Груевски „твита“ на македонски, но важните пораки ги испраќа на англиски јазик. Јани Макрадули, Илија Димовски, Радмила Шеќеринска и Антонио Милошоски се меѓу поактивните на Фејсбук и со најголем број фанови. Помалку активни се Бранко Црвенковски, Зоран Заев, Гордана Јанкулоска, Бујар Османи, Фатмир Бесими, Ермира Мехмети, но и тие имаат голем број приврзаници.

Symbolbild Facebook verdient an Smartphone-Werbung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Посуптилна комуникација

Според комуниколозите, пораките на социјалните мрежи најмногу можат да ги привлечат неопределените гласачи и политичарите сигурно нема да ја пропуштат таа можност. Традиционалните форми на кампања – митинзи, средби со граѓаните, посета од врата до врата, се сметаат за „понападни“ форми на политичка презентација, за разлика од комуникацијата на социјалните мрежи која обезбедува високо ниво на супилност и приватност. Но, изборот на традиционални или посовремени форми на комуникација, зависи и од можностите. За универзитетската професорка Билјана Ванковска, која зад себе нема ни партија, ни мрежа ни логистички ресурси, се започна на социјалните мрежи. Таму доби „благослов“ за нејзина кандидатура на претседателските избори и таму го направи првото видео обраќање до поддржувачите и симпатизерите.

„Јас сум стар корисник на социјалните мрежи, а од неодамна сум активна и на Твитер и Јутјуб. За оние кои велат дека е тоа губење време, отсекогаш сум одговарала дека социјалната мрежа е она што ќе направиш од неа. Најчесто сум ги користела за дебата и едукација. Во моментов ми служат за ширење информации до граѓаните за собирање потписи за кандидатурата, за интервјуа, поттикнување, реагирање на неправилностите и слично. Нивната предност е што се бесплатни и допираат до огромна популација, но негативната страна е што создаваат привид на активизам, бараат многу време, а понекогаш се и алатка за ширење говор на омраза. Во мојов случај проблем е и еуфоријата дека „како ништо ќе соберам 20.000 потписа“, па затоа мнозина сметаат дека работата е завршена и без да појдат да дадат потпис во одделенијата на ДИК“, вели Ванковска.

Wahlen in Mazedonien SDSM
Владо Бучковски вели дека неговата новоформирана партија ќе се фокусира на социјалните мрежиФотографија: AP

Но, и партиите кои имаат партиска мрежа и можности за традиционални форми за кампања, не се откажуваат од својата презентација на интернет. Владо Бучковски од Алијансата за позитивна Македонија, најавува дека партијата во изборната кампања планира максимално да ги користи социјалните мрежи.

„Со оглед дека има голем број граѓани кои се откажаа од читање весници и гледање тв-вести, за нив социјалните мрежи се податливи медиуми за информирање и ние ќе го искористиме тоа за комуникација со нив. Веќе формиравме посебен тим што ќе ја осмисли нашата кампања на социјалните мрежи“, најавува Бучковски.

Најактивни во „трета смена“

На ваквите планови и најави на политичарите, во прилог им одат податоците за користењето на социјалните мрежи во Македонија. Речиси половина од македонски корисници (44 отсто) поминуваат 3 и повеќе часа дневно на Фејсбук, покажа истражувањето на агенцијата „Рејтинг“ и Њумедиа.мк, за однесувањето на македонските корисници на оваа мрежа. Иако дури 60 отсто од корисниците сметаат дека премногу време поминуваат на Фејсбук, само 22,5 отсто размислуваат да се откажат од негово користење. На Твитер најактивни се лицата на возраст од 25 до 30 години (44 отсто) и од 19 до 24 години (32,5 отсто). Најмногу се твита во „трета смена“ од 19 часот до полноќ. Твитер го користат како главен или еден од главните извори на информации дури 70 отсто од твитерџиите, а 63 отсто од нив се поврзуваат со луѓе со кои делат исти морални вредности.

Овие податоци ќе им помогнат на партиите и на пи-ар агенциите подобро да ги позиционираат своите стратегии за промоција на социјалните мрежи и да ги лоцираат своите целни групи. Иако се сметаше дека најголемиот број политичари на Твитер се активни само пред избори, во изминативе две години состојбата се менува. Но, и корисниците на социјалните мрежи добро ги научија навиките и однесувањето на политичарите, па стануваат се повнимателни по прашањето на кого ќе му кликнат „лајк“.