1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И тетка ми пушеше, па сепак доживеа 100 години

Б. Остерат / Б. Георгиевски4 февруари 2014

Никотин, алкохол, сончање - сето тоа предизвикува рак, и тоа сите го знаат. Па, сепак на многу луѓе тоа ништо не им значи. Секоја година во светот од рак заболуваат 14 милиони луѓе и таа бројка забрзано расте.

https://p.dw.com/p/1B2PC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се проценува дека половината заболувања од рак би можеле да се спречат кога луѓето би го правеле она што е здраво за нивните тела. Но, во Германија, сѐ уште околу една четвртина од возрасните пушат, а според Извештајот на сојузната влада за борба против зависностите, 9,5 милиони граѓани прекумерно пијат алкохол. Околу 67 отсто од мажите и 53 проценти од жените имаат прекумерна тежина. А, и солариумите се полни. Зошто?

Со човекот не управува разумот, туку неговите чувства, вели Франциска Гајзер, раководителка на Клиниката за психосоматска медицина и психотерапија во Бон.

Со други зборови, бројни облици на лошо однесување се едноставно навика или имитирање. Луѓето обично се хранат така како што готвела нивната мајка дома, вели Елио Риболи, научник кој го истражува ракот на Империјал колеџот во Лондон.

Децата почнуваат да пушат затоа што тоа го виделе од таткото или мајката. Затоа, според статистиките, децата на пушачите почесто стануваат зависни од тутун од децата на непушачите.

„Не познавам никого кој првата цигара ја запалил затоа што уживал во неа. Напротив, таа е одвратна“, вели Герд Гигеренцер, раководител на берлинскиот Институт „Макс Планк“ за истражување на образованието. „Човекот пуши затоа што и другите пушат“.

frau im boot Handy
Сончањето честопати предизвикува рак на кожатаФотографија: Fotolia/mars

Надежта последна умира

Погледот кон социјалните мрежи покажува дека луѓето често користат одредени поединечни примери за да го оправдаат своето однесување. „Мојата тетка пушеше и умре на 106 години. Тоа е само предизвикување страв“, напиша една читателка на Фејсбук профилот на ДВ.

Омилен противаргумент, без разлика за каква болест се работи, е и тврдењето дека секој мора да умре. „Животот е секогаш опасен и завршува со смрт“, пишува наш читател на Фејсбук. За психологот Гајзер тоа е типичен пример како луѓето се обидуваат да ги ублажат непријатните информации „за да ги ускладат со она што го прават и подобро да се чувствуваат“.

Доколку изедете отровна печурка, ќе умрете ако навреме не добиете помош. По делото, веднаш следува последица. Кај ракот тоа е поинаку - многу нешта кои ги правиме само ја зголемуваат веројатноста дека еден ден ќе добиеме рак.

„Секогаш постои надеж дека нема да заболеме, дури и ако пушиме или доколку сме предебели“, вели Рудолф Каакс, научник во германскиот Центар за истражување на рак. „Таа надеж не‘ наведува да не го менуваме веднаш нашето однесување“.

Flash-Galerie Rauchen und Gesundheit
Реклама против пушењето во САДФотографија: picture alliance/dpa

Емоционализирање на порокот

Британската организација „Cancer Research UK“ се бори против ракот така што подобро ги информира луѓето за опасностите од пушење, алкохол, сончање...

„Не сакаме на луѓето да им кажуваме што треба да прават. Ние сакаме да понудиме информации за тие самите да можат да донесат втемелена одлука за својот живот“, вели Индрајани Гангрекар од оваа организација.

Но, доколку се земе в предвид човековата психологија, тоа би можело да биде погрешен пат. Самите информации најчесто не се доволни за да ги поттикнат луѓето да го сменат своето однесување, вели Гајзер. „Потребни се и чувства. Оној кој знае дека по спортот ќе се чувствува подобро, побрзо ќе облече тренерка“, додава Гејзер.

Во САД, антитутунското лоби ја емоционализираше темата за пушењето, вели Гигеренцер, и додава дека тоа пушењето го прикажува како слабост, а тоа делува.

Елио Риболи се присетува на една реклама која ја дистрибуирало австралиското друштво за борба против рак: „Бакнете непушач и уживајте во разликата!“