1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И’ треба ли и на Германија поостар закон за оружје?

Карин Јегер / Александар Методијев13 февруари 2013

Овој месец германскиот Уставен суд треба да одлучи дали на земјата и’ треба заострен закон за поседување оружје. Не е мал бројот на убиства со спортско оружје во Германија - од 1991-ва година се убиени 130 лица.

https://p.dw.com/p/17cyM
Фотографија: picture alliance/dpa

Роман Графе не сака да се помири со тоа дека во Германија се убиваат луѓе со спортско оружје. На картата на Германија тој нацрта графички приказ за да го отслика целиот проблем. Секое убиство, кое од 1991-ва година до сега е направено со спортско оружје, е документирано со крст. Вкупно се работи за 130 убиства.

Посебно многу крстови има во областа на Виненден и Ерфурт. Во гимназија во главниот град на покраината Тирингија на 26.04.2012 година 19-годишно момче застрела 12 професори, една секретарка, двајца ученици, еден полицаец, по што и самиот се застрела. Пукачот бил член на еден стрелачки клуб и поседувал дозвола за оружје, со која легално можел да купува оружје и муниција.

Roman Grafe Sprecher der Initiative Mordwaffen als Sportwaffen
Роман Графе, портпарол на иницијативата „Ниту едно смртоносно оружје како спортско оружје“Фотографија: Siedler-Verlag

По овој масакр, законот за поседување оружје беше променет. Оттогаш сите кои се занимаваат со спортско стрелање повеќе не смеат да купуваат или поседуваат пушка или пиштол на 18-годишна возраст, туку тоа смеат да го направат со наполнување на 21-годишна возраст. Ловците мора да бидат полнолетни. Дозвола мора да поседуваат дури и сопствениците на т.н. пиштоли-плашливци. Амбициозните спортски стрелачи под 25-годишна возраст мораат да имаат потврда и од доктор во јавното здравство или, пак, психолог за тоа дали нивниот карактер е соодветен за користење оружје.

Спортското оружје е омилен инструмент за убиства

Со спортско стрелање се занимавал и таткото на 17-годишникот, кој во март 2009-та застрела девет ученици и три професорки во градот Виненден. За време на бегството тој уби три други луѓе, пред да си го одземе животот. Напаѓачот оружјето што го користел го украл од својот татко.

Amoklauf in Winnenden 2009
Фотографија напаравена по нападот во градот Виненден во март 2009-та годинаФотографија: picture-alliance/dpa

По овој напад е формирана иницијатива наречена „Ниту едно смртоносно оружје како спортско оружје“, чиј портпарол е Роман Графе. Иницијативата пред две и пол години поднесе тужба пред германскиот Сојузен уставен суд, во која се критикува дека германските закони за поседување оружје ги поттикнуваат масакрите. Легалното поседување смртоносно оружје со цел занимавање со стрелање претставува безбедносен ризик за населението, нагласува меѓу останатото Роман Графе.

„Не сакам да се помирам со тоа дека со спортското оружје од година во година во Германија се убиваат се’ повеќе луѓе, како што беше во училишните масакри во Виненден, во Ерфурт или во Епштајн во Хесен, во 1983 година – заборавениот училишен масакр, А, уште повеќе луѓе се застрелани по вооружениот напад во Виненден. И како граѓанин на оваа земја, а и како човек, не сакам да го прифатам тоа“, вели портпаролот Графе.

Каде може законот за оружје да се менува?

Ваквите изјави и секој напад му се потврда во неговото барање за заострување на германскиот закон за поседување оружје. Во разговорот за Дојче веле тој како позитивни примери ги издвојува Јапонија и Велика Британија. Во Англија и Велс е забрането приватното поседување на револвери и пиштоли, откако во 1988-ма едно момче уби 16 деца во основно училиште. Жителите на Јапонија смеат да користат оружје со соодветна лиценца само за лов. Откако во Бразил е воведен централен ригистар за сопствениците на оружје, опаднал бројот на жртвите кои го загубиле животот како последица од повреди нанесени од оружје.

И во Германија од јануари во централниот регистар се документирани 5,5 милиони примероци на легално оружје, кое се наоѓа во приватна сопственост. Таква регулатива не побараа само германските политичари, туку и ЕУ. Меѓутоа, никој не контролира дали оружјето и муницијата одвоено се складираат и дали возрасните ги чуваат оружјето и муницијата на места кои не се достапни за деца.

Jürgen Kohlheim
Јирген Колхајм, заменик-претседател на Германскиот стрелачки сојузФотографија: Jürgen Kohlheim

Заменик-претседателот на Германскиот стрелачки сојуз Јирген Колхајм не верува дека судиите од Сојузниот уставен суд ќе донесат одлука за заострување на законот за поседување оружје.

„Ние имаме многу строг закон за поседување оружје и не гледаме место на кое тој би можел уште повеќе да се заостри за да се избегнат страшните масакри како тој во Виненден“, смета Колхајм и додава дека масакрите се израз на општествен проблем.

Одлуката за можното заострување на законот за поседување оружје, како што е најавено, Сојузниот уставен суд на Германија треба да ја донесе во текот на овој месец.