1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавадарци - македонски лидер во странски инвестиции

Антоанела Димитриевска1 август 2012

Новата инвестиција на светски познатиот германски инвеститор „Дрекслмајер‘‘ ќе значи нови вработувања и подобра егзистенција за кавадарчани и за жителите на поширокиот регион, па и за велешани и за прилепчани.

https://p.dw.com/p/15hVF
Фотографија: Dimitar Murdzev

Кавадарци градот на грозјето и виното со своите над 40 илјади жители се повеќе станува македонски индустриски центар и лидер според странските инвестиции.Тука се водечките  гиганти „Фени индустри‘, „ИГМ Трејд‘‘, „Алијанс Уан‘‘, како  и Винарската визба „Тиквеш‘‘, „Кожувчанка‘‘, ,„Градба промет‘‘, „Урбан инвест‘‘, „Метал Инвест‘‘.Тие   ја сочинуваа  новата стопанската структура на Кавадарци, во која наместо со лозарство, сега во  новата индустрија, работа и егзестенција  наоѓаат се повеќе кавадаречки семејства. Според Агенцијата за вработување, Кавадарци  има 6324 невработени, но според бројот на вработени сепак за нијанса  е подобар споредено со другите македонски градови. Новата голема инвестиција на светски познатиот германски инвеститор „Дрекслмајер‘‘,  води  во насока на понатамошно намалување на невработеноста во градот, но и во поширокиот регион.

Локалната власт очекува повеќе придобивки од инвестицијата

Weinanbau in Mazedonien
Фотографија: dpa

Според економските експерти,  за ваквиот индустриски подем на Кавадарци, заслугата  е на државата, но пред се на локалата власт која знае да ги привлече странските инвеститори. А што таа ќе значи за локалната власт, еве што за Дојче Веле ни изјави  Александар Панов, градоначалник на Општина Кавадарци.  „ очекувам  само од данокот на имот, Општина Кавадарци да има над 2 милиони денари приход. Интересот на локалната самоуправа го ставаме секогаш последен, меѓутоа ако во Кавадарци се вработат меѓу 2 - 2500 кавадарчани тоа се исто толку семејства коишто ќе имаат платежна способност.Тие со тоа ќе можат редовно да си ги подмириваат своите сметки, а преку тоа ќе можат и да исполнуваат и сите давачки спрема општината и државата‘‘.

Панов потенцира  дека тие  не сакаат  неспремни да го дочекаат инвеститорот и во соработка со некои невладини организации, веќе работат на обуки за преквалификација и доквалификација на невработените.  „Значи во Кавадарци имаме секакви струки  и токму заради таа шареноликост, а и можноста да се бара специфична работна сила заедно со „Дрекслмајер‘‘, деновиве ќе имаме состанок на кој што ќе дискутираме на таа тема. Меѓутоа подобро да бидеме подготвени претходно‘‘ , смета Панов.

Работа за 4 илјади Кавадарчани и жители на повеќе општини

„Дрекслмаjер‘‘ е сестринскa фирма на „Мерцедес‘‘, а во која во Кавадарци ќе се изработуваат електро делови за најновите модели од Ц класа. Најголем дел од вработените дури 70 % ќе бидат жени,а помалку  30 %, мажи. Првично од септември во фабриката   ќе се вработат 300 до 350 работници, а  кои  со работа  ќе започнат во халите на „ИГМ Трејд‘‘.  Подоцна во мај идната година  кога  фабриката половина ќе биде изградена, ќе бидат вработени 2 илјади работници. После мај  2013. година ќе отпочне и последната фаза, во која ќе се доизградува фабриката и монтираат  нови машини, а ќе бидат вработени уште 2 илјади работници, или вкупно 4 илјади.

Aleksandar Panov
Александар Панов, градоначалник на Општина КавадарциФотографија: Dimitar Murdzev

Градоначалникот Панов оценува дека Кавадарци нема толкав број невработени кадри на таа возраст и струка, затоа  во фабриката ќе се вработат и невработени од соседните општини, Неготино, Росоман, Демир Капија  и Градско, па дури и од Велес и Прилеп. Менаџерскиот тим од 23 стручњаци на фабриката е веќе формиран и тие од 1 август ќе почнат со работа.

Поради можноста за вработување, веста за скорото отварање на „Дрекслмајер“ , со голема радост ја примија многу невработени кавадарчани. 36-годишната Лилјана Јовановска е една од нив. „Отварањето на новата фабрика во Кавадарци за мене има големо значење пред се’ бидејќи конечно ќе најдам вработување. Јас веќе 15 години сум невработена, а со моето вработување ќе се подобри егзистенцијата за мене  и за моето семејство, како и за уште многу семејства во Кавадарци и пошироко во општината и регионот‘‘.