1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавгата ја растури холандската влада

20 февруари 2010

Владата на холандскиот премиер Јан Петер Балкененде се распадна поради повеќемесечниот спор околу продолжување на ангажманот на холандските војници во Авганистан. Маратонските разговори не донесоа никакво решение.

https://p.dw.com/p/M6a8

Холандскиот премиер Јан Петер Балкененде денеска кај кралицата Беатрикс ја поднесе оставката на неговата влада. Како што соопшти неговиот портпарол, премиерот телефонски разговарал со кралицата, која се наоѓа на одмор во Австрија.

Во согласност со правилата, кралицата Беатрикс со своите советници ќе ги утврди наредните чекори. Според портпарол на министерствотото за внатрешни работи, најверојатно во наредните недели, најдоцна до јуни, ќе има нови избори.

Актуелната холандската влада во текот на ноќта се распадна, поради несогласувања меѓу коалиционите партнери околу продолжувањето на мандатот на холандскиот контингент во Авганистан. До изборот на новата влада двете преостанати полтички партии во владата ќе ги преземат испразнетите места на министрите од социјалдемократската партија.

Непопустливост кон барањата на НАТО

Социјалдемократската, втората по големина партија во владата, е стриктно против продолжувањето на мандатот на холандските војници во Авганистан, според барањето на НАТО. Пред неколку дена генералниот секретар на Алијансата, Андерс Фог Расмусен, побара од Холанѓаните да останат во Авганистан до август 2011 година заради обука на тамошните безбедносни сили. Првобитните планови предвидуваа Холандија веќе во август оваа година да започне со етапно повлекување на своите трупи од Авганистан.

Niederländische ISAF-Soldaten in Afghanistan
Холандски војници во АвганистанФотографија: AP

Христијанскиотдемократ Балкененде инсистираше одлуката за ангажманот на холандските војници во провинцијата Урузган барем да биде одложена. Но, социјалдемократите не сакаа да се согласат на тоа. И најмалиот од владините коалициони партнери, протестантско-конзервативната Христијанска унија, е против проширувањето и продолжувањето на мандатот во Авганистан. Холандија во моментов во Авганистан има стационирано повеќе од 1.800 војници. Од 2006 година, таму се убиени 21 холандски војник.

Заради дефинитивна победа над радикално исламските талибанци, меѓународните трупи во Авганистан треба во следните месеци да бидат зголемени за 40 илјади војници, на околу 150 илјади. Во Хелманд, соседната провинција на Урузган, меѓународните и авганистанските сили моментално ја продолжуваат најголемата офанзива против исламистичките борци од соборувањето на талибанците во 2001 година.

Автор: ЖА/АТ/дпа/афп

Редактор: Александра Трајковска