1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга околу зделката на векот

9 март 2010

По повлекувањето на европскиот концерн за воздухопловство ЕАДС од конкурсот за гигантскиот договор со американската воена авијација за обезбедување авиони-цистерни, САД се соочени со остар протест на Европејците.

https://p.dw.com/p/MO2A
Тендерот ги скара САД и ЕУФотографија: Northrop

Европската комисија и германската влада им префрлија на САД дека го протежираат домашниот производител Боинг во зделката на векот, тендерот за 35 милијарди долари вредниот проект и со тоа ги попречуваат европските конкуренти.

Европската комисија им се закани на САД со повисоки пречки при идните проекти од областа на вооружувањето. Тоа што Пентагон при тендерот за изработка на авиони за полнење гориво во воздух за потребите на американската авијација го протежираше Боинг, може да има последици по зделките со вооружување со САД, соопшти денеска ЕК во Брисел. Во ЕК, како што гласи официјалното соопштение, со жалење е примена веста за откажувањето на Ербас-концернот ЕАДС и неговиот американски партнер Нортроп Груман од трката за договорот на Пентагон.

Германија бара преиспитување на одлуката

Германија во условите на тендерот распишан од Американците гледа јасни економски и финансиски предности за Боинг. Како што изјави германскиот министер за стопанство Рајнер Бридерле, слободната конкуренција не смее да биде еднострано ограничувана и во областа на вооружувањето. Токму во актуелната економска криза, знаците на протекционизам носат штети, смета Бридерле.

Tankflugzeug / Northrop / KC-45 / EADS
Авион-цистерна на НортропФотографија: Northrop

Германската влада ја повика американската да ја преиспита постапката околу тендерот. Европскиот концерн ЕАДС и американскиот партнер Нортроп Груман со повлекувањето од трката очигледно сакаа да дадат знак за нефер третман. Шефот на Ербас, Том Ендерс ги критикуваше САД:

„Военото воздухопловство на САД знае дека ние можеме да понудиме подобар производ. Но, нашиот партнер Нортроп Груман е убеден дека во сегашните услови немаме шанса да победиме на тендерот, без разлика колку и да е добра нашата понуда, што ние моравме да го прифатиме.“

Сегашниот тендер за договор за 179 авиони-цистерни е веќе трет обид. Првично, авионите требаше да ги гради Боинг, но поради скандалот со давањето на договорот, одлуката беше повлечена. На вториот тендер во 2008 година, успех постигнаа Нортроп и ЕАДС со верзија на авионот А330. Но, по протестот од Боинг, Пентагон распиша наново тендер.

Автор: ЖА/ГЧ/афп/ројтерс/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска