1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде е Сноуден?

ЖА/дпа/ртре/миа11 јуни 2013

На екс-соработникот на американските тајни служби, кој објави информации за наводно надгледување на интернет мрежата во голем стил, во САД му се заканува судење. Тој престојува во Хонг Конг, но каде точно, не се знае.

https://p.dw.com/p/18nPv
Фотографија: Reuters/Ewen MacAskill/The Guardian/Handout

Американецот Едвард Сноуден, кој ги откри деталите за тајното надгледување и прислушување на телефоните и на интернет мрежата од страна на американските безбедносни служби, исчезна од хотелот во Хонг Конг, каде престојуваше по бегството од САД.

Претставник на хотелот само изјави дека тој ги зел со себе сите свои лични работи и се одјавил. Овој претставник не можеше да каже каде Сноуден би можел да замине, но се верува дека тој се‘ уште се крие на територијата на Хонг Конг.

Лондонски „Тајмс“ претходно објави дека „претставник на хонгконшките власти го советувал Американецот да го напушти Хонг Конг“. Бирото на директори на државното разузнавање на САД соопшти дека целиот случај е пријавен кај американското министерство за правда како „криминал“.

Хонг Конг, кој е кинеска територија со посебен статус и силна самоуправа, од порано има со САД спогодба за екстрадиција. Локални правни експерти, сепак, тврдат дека доколку Американците покренат постапка за враќање на Сноуден во САД, таа би можела да трае со месеци и веројатно би била блокирана од Пекинг.

Сноуден, поранешен техничар во ЦИА, сега вработен во фирмата „Буз АленХамилтон“ која има договор со Националната агенција за безбедност (НСА), самиот се пријави дека тој е човекот што ја откри американската „супер тајна“,откако побара да зборува во интервју за лондонски „Гардијан“.

Во своите први изјави од Хонг Конг тој се однесува како основачот на Викиликс Џулијан Асанж, па иако станува збор за различни случаи и Сноуден зборува за правото на луѓето да бидат информирани и да знаат што прави нивната влада.

„Чувствував обврска да им помогнам на слободните луѓе од угнетувањето на кое се изложени“, изјави пред своето исчезнување Едвард Сноуден.

Џулијан Асанж го советува Сноуден да побара политички азил во некоја од земјите во Латинска Америка.

На веб страницата на Белата куќа граѓаните, пак, започнаа акција на собирање потписи, противејќи се на обвинување против Сноуден, кого го нарекуваат национален херој. Досега се собрани 25 илјади потписи. За Белата куќа да заземе став кон акцијата, потребно е во рок од 30 дена да се соберат 100 илјади потписи.