1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

260711 Urlaubsziele Deutsche

7 август 2011

Каков е актуелниот тренд: одат ли германските туристи повеќе во странство, во егзотични и непознати земји или остануваат на познатиот терен во Европа? Или можеби дури во татковината?

https://p.dw.com/p/12Bmy
Фотографија: picture-alliance / dpa

Плажи со бел песок, сино-зелено море и високи палми - вакво е клишето за класичен одмор. Не е исклучено голем број Германци годинава да сонуваат токму по такво место за одмор, бидејќи летото барем досега се покажа како многу врнежливо и студено. Среде јули, кога на југот на Европа температурите се искачуваа не само преку 30-тиот, туку дури и преку 40-тиот степен, во Германија имаше денови каде живата во термометарот не се искачи преку 15-тиот степен. Чиста есен, коментираа многумина! Каде ни отиде летото? Да не сме му згрешиле нешто на Бога? Или се ова климатските промени за кои зборуваат експертите и политичарите? Но, нели зборуваа за затоплување на климата?!?

Една третина на одмор во татковината

Верувале или не, Германија и покрај непријатното, врнежливо и студено време е најомилена туристичка цел на нејзините граѓани. Дури една третина од сите Германци го поминуваат одморот овде. Притоа во нивна одбрана мора да се каже дека времето не е така лошо секоја година. Лани на пример во јули температурата во некои градови се искачи дури до 40 степени.

Symbolbild Arbeiten im Urlaub
Фотографија: picture-alliance/Chad Ehlers

Во такви ситуации помага само капење, на пример во Балтичкото море, една од посебно омилените домашни цели на германските туристи. Високо на скалата се котира и планинарењето во Баварија, но исто така и капењето и едрењето на Боденското езеро на југот од земјата. Многумина пак најголемиот „рајц“ го наоѓаат во крстарењето по културното богатство на земјата, па патуваат од град во град. Токму оваа разновидност во туристичката понуда е она што ја прави Германија толку привлечна, како за домашните, така и за странските туристи, смета професорот Карл Борн.

„Кај многумина важен фактор е тоа што не мораат долго да патуваат. Во разните делови на Германија може да се стигне релативно брзо и лесно, благодарејќи на добрата инфраструктура со големиот број аеродроми, автопатишта и разгранетата железничка мрежа. Секако, ако некој се реши да патува од Хамбург на северот на земјата на одмор во Баварија на југот, тогаш мора да се подготви и на подолго патување. Во таков случај летот до Мајорка може да излезе дури и временски покус. Но, во принцип на голем број туристи им одговара близината, познатиот менталитет и јазик во татковината“, појаснува професорот по туристички менаџмент, Карл Борн.

Deutschland Dresden 001
„Фрауенкирхе“ во ДрезденФотографија: DW/Nelioubin

Сонце со гаранција има на југ

Значи, клучниот фактор на несигурност претставува можното лошо време, како годинава. За оние, на кои по секоја цена им треба многу сонце и не сакаат да ризикуваат, секако е попрепорачливо патувањето во Шпанија, Италија или Турција. Тие земји, имено, стојат веднаш по Германија на второто, третото и четвртото место на скалата на омиленост за германските туристи. Сите три земји годинава профитираат дополнително од кризите што ги потресуваат земјите околу Средоземното Море. На пример, Грција, која поради должничката криза е потресена од серија штрајкови и со тоа ја буди недовербата на германските туристи. Или пак Тунис, Египет и другите арапски земји од северот на Африка, каде инаку Германците радо патуваат. По пролетните револуции во овие земји, голем број туристи ги повлекоа резервациите и пребукираа на нови дестинации, појаснува Кристијан Веселс од Реве-туристик, едно од најголемите и најуспешните туристички бироа во Германија.

Strand von Sharm el Sheik, Scharm el Scheich
Остануваат привлечни: плажите во египетското одморалиште Шарм-ел-ШеикФотографија: AP

„Протестите во февруари внесоа голема несигурност кај туристите и тоа секако влијаеше врз бројот резервации. Голем број гости однапред се одлучија за некоја друга цел. А некои, кои веќе имаа букирано за Египет, ја сменија резервацијата.“

Египет се опоравува

Во меѓувреме Египет повторно се наоѓа меѓу 10-те најомилени туристички цели на Германците, но бројот резервации уште не го достигна минатогодишното ниво, појаснува Веселс. Притоа во јавноста се појавија дебати околу тоа колку е во склад со моралните принципи да се патува во земји, кои имаат автократски режими и со тоа финансиски да се поддржуваат таквите влади. Експертот Карл Борн има категоричен став околу оваа дилема:

„Ја сметам оваа дискусија за апсолутно невозможна! Со тоа во принцип се бара од граѓаните да бидат на повисоко морално ниво од нашата влада и нашите концерни, кои соработуваат со вакви режими!“

Борн нагласува дека германската влада и концерни соработувале и со власта на поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак.

Symbolfoto Sommer - Urlaub - Reisen - Junge Frau bei der Urlaubsplanung
Фотографија: picture alliance/CTK

Два вида туристи

Запрашан за тоа што бараат и што очекуваат германските туристи од одморот, тој вели дека има два главни вида. Едните сакаат да се релаксираат, да лежат и да одмараат без стрес. Другите, пак, сакаат авантура кога се на одмор, да среќаваат нови култури и луѓе со поинаков менталитет. Меѓу овие две крајности секако има и повеќе меѓустепени, појаснува професорот Борн. Во секој случај Германците се сметаат во светот како многу орни за патување. Тоа е и прашање на традиција:

„Во една пригода на шега реков дека Германците го сметаат патувањето за еден вид уставно право. Ако се сетите на демократскиот пресврт во поранешната Германска Демократска Република, она што го урна Берлинскиот ѕид беше поривот по слобода, што силно беше поврзан со потребата за слободно патување. И тоа има уште подлабоки корени во нашето минато. Сетете се на пример само на големиот Гете, кој постојано беше подготвен за патување!“

Автор: Петра Ламбек / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска