1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде оди политички Македонија?

Костадин Делимитов17 јануари 2013

Политичкиот спор на релација власт-опозиција, според аналитичарите, ја турка Македонија во непосакувана насока, штетна за демократските процеси, евроатлантското интегрирање, економскиот развој.

https://p.dw.com/p/17LTo
Фотографија: AFP/Getty Images

Цврстиот став на опозицијата да ги бојкотира изборите доколку не се прифатат нејзините услови за паралелно одржување на локални и предвремени избори, за дел од експертите е погрешна тактика: 

„Изборите сами по себе ќе го регулираат конфликтот и ќе го внесат во нормални институционални води. Се‘ друго е безполезно трошење на време и ресурси на опозицијата. Само на демократски избори може волјата на народот да казни или да потврди една владејачка гарнитура. Евентуален бојкот на изборите од страна на СДСМ ќе има негативни последици по оваа партија и нејзините партнери, исто така и на нивото на демократска дебата и отчетност во Република Македонија“, коментира за Дојче веле професорот Жидас Даскаловски.

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
Фотографија: MAKFAX

Конфликтот е штетен за евроатлантската агенда на земјата

Актуелната политичка ситуација според професорот Мерсел Биљали само го зајакнува ставот на дипломатите дека Македонија нема доволен капацитет да се справи со основните работи кои по природата на нештата се основни вредности на едно општество. Актуелниот конфликт, според него, е штетен за демократскиот капацитет на државата, институциите, евроатлантската агенда, привлекувањето на странски инвеститори. Земјата, според него, веќе 22 години е залог на еден ‘рѓосан ментален склоп чиј фокус е клептоманството. Биљали не препознава критична маса за здрави промени на постојаната политика по формулата, „билдај патриотизам кој потоа го конвертираш во пари“:

„Власта е докрај неодговорна и вмешана во криминал до гуша. Опозицијата е мртва, како и што беше. Нејзе ја предводи човек кој не е дел од решението за постојната ситуација, туку дел од проблемот. Мислам дека таму треба под итно да се стави нова локомотива. Со парна локомотива не правиме ништо! Власта не се урива со толкав мал број на луѓе. Треба да имате капацитет да соберете над 100 илјади народ, тогаш власта е готова. Но за тоа треба нов човек кој ќе работи интензивно една година за потоа да демонстрира политичка моќ и без проблем ќе ја урива оваа власт. Потребен е човек кој се докажал и кој знае што значи развој и што значи евроинтеграцијата за државата. Вака со логиката на Курто и Мурто ништо нема да се смени“, коментира Биљали.

Prof.Dr. Mersel Bilalli FON Universität
Мерсел БиљалиФотографија: Fatos Musliu

Вода на воденицата на власта

Тој истовремено предупредува дека е слична состојбата и кај политичкото организирање кај Албанците каде власта е многу појака од опозицијата:

„Со право едни велат, додека Бранко ја предводи опозицијата за Груевски ќе биде рај. Додека Тачи пак е главна опозиција, рај е за Ахмети. Евентуалниот бојкот на изборите ќе ја растури опозиционата коалиција, а и самата СДСМ видно ќе ослабе, а можеби и ќе се распадне бидејќи една група веројатно ќе формира своја СДСМ, така што тоа ќе биде крај за таа партија. Некој немаше време да ги преживее овие шест месеци, кои според многу дипломати, ќе бидат одлучувачки за името, но и за судбината на власта. Но, Бранко си ја спаси власта. Сега таа ќе може да се повика на постојната лоша политичка клима за да го одложи процесот со името. Но, ќе видиме“, коментира Биљали.  

ЕУ и САД неколкупати повикаа на решавање на политичката криза преку дијалог во институциите. Како последно од Брисел вчера пристигна и пораката, Македонија од пример да не стане грижа.