1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде оди Тунис?

ЖА/дв/ртре/афп/дпа9 февруари 2013

Тунискиот премиер Џебали останува на намерата за формирање технократска влада. Вчера околу 1,4 милиони луѓе излегоа на улиците за да го испратат до гробот убиениот политичар Белаид.

https://p.dw.com/p/17bJP
Фотографија: Khaled Ben Belgacem

Тунискиот премиер Хамади Џабали во соопштение пренесено од државните медиуми ја потврди намерата да формира непартиски кабинет од технократи, по убиството на опозицискиот политичар Шокри Белаид, и покрај несогласувањето со ваквата идеја на неговата исламистичка партија Енада.

Џабали, меѓутоа, истакна дека не планира да го распушти кабинетот, за тоа му е потребна согласност од Парламентот, каде мнозинство имаат исламистите. Тој планира да ги смени министрите со експерти, а што е можно поскоро да бидат одржани нови избори.

„Веќе го имам составот на владата“, изјави Џебали пред новинарите, без да наведува имиња.

Најголема погребна церемонија досега

Вчера (08.02) во Тунис инаку беше погребан убиениот опозициски политичар Шокри Белаид. Опозицијата ја обвинува Енада дека е одговорна за неговото убиство. Околу 1,4 милиони лица учествуваа во погребната поворка и присуствуваа на погребот на убиениот опозициски лидер, а насобраните извикуваа антиисламистички пароли и пораки против владата. Ова беа најголемите демонстрации во историјата на Тунис досега.

За безбедноста на собирот се грижеа бројни воени сили и хеликоптери, што кружеа над насобраните, но и покрај тоа дојде до судир. Над гробиштата се чувствуваше мирисот на солзавец и се гледаше чад од запалени автомобили. Насобраните на погребот на опозицискиот левичарски лидер, кој беше убиен во средата пред својата куќа, извикуваа пароли против владејачката партија Енада, нарекувајќи ги нејзините членови - убијци.

Tunis-Unruhen
Фотографија: Reuters

„Народот сака нова револуција“, извикуваа насобраните.

До судири и насилство дојде и во близина на гробиштата, кога полицијата употреби солзавец врз демонстрантите кои ги гаѓаа со камења и палеа автомобили, а полицијата употреби солзавец и во близина на Министерството за внатрешни работи каде упаси 150 лица.

Речиси цел Тунис вчера застана и сите летови на главниот аеродром беа откажани откако најголемиот синдикат во земјата објави генерален штрајк во знак на протест заради убиството на Белаид, а во Тунис и некои други градови беа затворени банките, фабриките и некои продавници. Тунис од средата го потресуваат насилства и се‘ подлабока политичка криза. Семејството на убиениот лидер ја обвинува владејачката партија дека стои зад убиството, иако официјални претставници тврдат дека Белаид бил убиен од напаѓач кој не е поврзан со власта. До сега никој не ја презеде одговорноста за убиството на Белаид.