1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде се азилантите од Македонија?

17 април 2011

Минатата година рекорден број македонски државјани побарале азил во некоја од 44 индустријализирани земји во светот. Дали тоа може да донесе суспензија на безвизниот режим? ЕК ги разлгедува резултатите од мониторингот.

https://p.dw.com/p/10nYT
Фотографија: Picture-Alliance /dpa

Според податоците на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), бројот на барателите на азил што потекнуваат од Македонија, во 2010 година се зголемил за 599%, во споредба со 2009 година. Имено 6.400 македонски државјани лани побарале азил, најчесто во некоја од европските земји. Оваа бројка е за шест пати поголема од онаа во 2009 година, кога од Македонија азил побарале само 910 граѓани. Така, Македонија се искачи на првото место според зголемувањето на азилантите, во споредба со 2009 година. Втора на листата е Србија, кон чии бројки се приклучени и тие од Косово, со зголемување на бројот на азиланти за 54%. Лани од Србија азил побарале 28.900 луѓе, додека во 2009 година само 18.800.


Дали безвизниот режим го зголеми бројот на азиланти?

Mazedonien Land und Leute Flagge
Македонија на листата слободни државиФотографија: Petr Stojanovski

Според УНХЦР, ваквото зголемување на бројот на азиланти од Македонија и Србија, се должи на укинувањето на визниот режим во декември 2009 година.

Сепак, ова мислење не го дели целосно Даниел Турние, директорот на платформата за прифат на азилнати во Мулуз, која прва стапува во контакт со барателите.

„Последицата од укинувањето на визите кај нас не се чувствува. Барателите на азил многу ретко доаѓаа или доаѓаат со визи. Ние не забележавме во текот на минатата година некое поголемо или значително зголемување на барателите на азил од овие земји. Јасно е дека од пред пет години тие се меѓу најбројните лица кои пристигнуваат кај нас. Ако се концентрираме на последите неколку месеци, навистина постои прилив на лица кои доаѓаат главно од Македонија и Србија, особено со ромско потекло“, изјави за Дојче веле Даниел Турние.

Во платформата со која тој раководи, забележал дека меѓу барателите на азил, оние кои доаѓаат како поединци од Албанија, прво доаѓаат за да го испитаат теренот, пред да го пренесат семејството, додека од Косово, Србија или Македонија доаѓаат цели семејства.

Најголемиот број од македонските државјани кои побарале азил во 2010 година се во Германија 2466, следува Белгија со 1082, Шведска 908, Франција 590 и Холандија со 389 поднесени барања.


Европската Унија располага со механизам за контролира визниот режим

Ваквите азилантски бранови од Македонија, но и од другите балкански држави, во ноември ја алармираа ЕУ, по што беше воведен контролен механизам за спроведување на визната либерализација за земјите од Западен Балкан.

Унијата исто така воведе и итен механизам за суспензија на безвизниот режим во случај на масовен прилив на азиланти од одредена држава. Со него би се вовела суспензија на визниот режим за одреден период. Франција и Холандија бараат ваквиот механизам да не се применува само за Балканот, туку да важи и за други земји и региони, бидејќи сега ЕУ нема начин како да се заштити и да ги врати визите, ако некоја земја добила укинување.

EU Kommission in Brüssel mit dem Logo
ЕК се заканува со суспензија на безвизниот режимФотографија: DW

Од белгискиот Секретаријат за социјална интеграција потврдуваат дека алармирањето на властите во Македонија и Србија покажува резултати, но дека и понатаму треба да се продолжи со кампањата за информирање на граѓаните. Во јануари во Белгија 71 лице, а во февруари 104 лица од Македонија побарале азил, а притоа само на 1 лице му било признато правото на бегалец од почетокот на годинава.

Република Македонија веќе неколку години е ставена на листата на „безбедни земји“, што значи дека нејзините државјани не можаат да бараат политички азил, бидејќе се почитуваат основните човекови слободи. Од пред неколку недели на оваа листа во Франција е додадено и Косово, што значи дека барањата се разгледуваат по забрзана постапка. Франција во март 2011 година првпат вратила во Македонија осумдесетина македонски државјани.

Азилот не се добива лесно

„На национално ниво, многу малку се признава правото на бегалци од надлежните органи. Глобално, од сите барања, само околу една третина од барателите на азил добиваат заштита. На пример, за Косово од каде доаѓаат најголемиот број на баратели, само 8% добиваат азил или минимална заштита“, констатира Даниел Турние од платформата за прифаќање на азиланти во Мулуз.

Тој притоа инсистира на фактот дека недобивањето на статус на азилант води до тешки материјални и животни услови со постојан страв од апсење и присилно протерување, без право на работа и социјална заштита.

„Две години по негативниот одговор, често луѓето исчезнуваат и повеќе немаме никакви вести за нив“, нагласува Турние.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Трајче Тосев