1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде ќе биде погребан Слободан Милошевиќ?

Гервалд Хертер13 март 2006

Телото на починатиот денеска треба да му биде предадено на семејството. Спор во Србија околу тоа дали треба да му биде организиран државнички погреб

https://p.dw.com/p/Ac8B
Жалост во Социјалистичката партија
Жалост во Социјалистичката партијаФотографија: AP

Социјалистичката партија на Милошевиќ побара погреб со сите почести за некогашниот југословенски и српски претседател и место во Алејата на великаните на Новите гробишта во Белград. Српскиот претседател Борис Тадиќ таа идеја ја означи како „апсолутно несоодветна, со оглед на улогата на Милошевиќ во најновата српска историја“. Тадиќ најави и дека нема намера да даде помилување за Мира Марковиќ, сопруга на Милошевиќ, која е обвинета за злоупотреба на функцијата. Таа, инаку, се залага Милошевиќ да биде погребан во Москва или пак во родниот град Пожаревац, додека брат му се изјасни за погреб во Србија. Сопругата, синот и братот на починатиот Милошевиќ живеат во Русија.

Во Белград молк и тага по Милошевиќ пред седиштето на неговата партија. Стотици, главно постари луѓе чекаат во ред за да се запишат во книгата на жалоста. Нема протести, нема гласни демонстрации. „Мислев дека луѓето ќе излезат на улица, но очигледно тие времиња поминаа“ констатира едн жител на главниот српски град. Министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора Вук Драшковиќ ги критикуваше комеморативните собири во некои градови за човекот кој, како што рече, е одговорен за безбројни злосторства и лично нареди многубројни убиства.

По смртта на Милошевиќ во српската јавност постојано се појавуваат шпекулации од разни страни. Социјалистичката партија го обвини Трибуналот дека го носи на совест починатиот со давање несоодветни лекови и недоволна медицинска грижа. Вчера и два белградски весника одговорноста му ја префрлија на Трибуналот. Но, повеќето се претпазливи, иако коментаторите веруваат дека смртта на Милошевиќ би можела да им даде поттик на противниците на хашкиот Трибунал. Таму в затвор седи и претседателот на радикалите Воислав Шешељ, а тие претставуваат најголема фракција во српскиот парламент. Некогашниот српски премиер Зоран Живковиќ сепак не верува дека тие од овој настан ќе можат да направат капитал: „Радикалните сили го пречекорија својот зенит. Мислам дека тие партии веќе нема да бидат попопуларни. Мене не ме загрижуваат тие партии, туку побргу другите, таканаречени демократски партии, кои меѓутоа прават премалку за да покажат дека се навистина демократски“.

Конечно, многумина Срби вчера и не тагуваа по Слободан Милошевиќ, туку по убиениот поранешен премиер Зоран Ѓинѓиќ. На местото на кое беше убиен венец положи актуелниот премиер Воислав Коштуница. Илјадници луѓе, меѓу нив и српскиот претседател Борис Тадиќ, за да му оддадат почит на Ѓинѓиќ на третата годишнина од атентатот го посетија неговиот гроб во Алејата на великаните, во која би почивале речиси еден до друг со Милошевиќ, кога нему би му била укажана таква чест.