1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква е улогата на БНД?

Марсел Фирстенау25 ноември 2008

Германската тајна служба повторно е на насловните страници. По бројните афери во минатото и најновото апсење на нејзини агенти на Косово, се отвора прашањето, каква е улогата на БНД и каква е контролата врз неа?

https://p.dw.com/p/G1cP
Централата на БНДФотографија: dpa

И покрај тоа што засега е нејасно што правеле тројцата агенти на БНД на Косово едно е сигурно: агенти на германската тајна служба којашто е основана во 1956 година се ангажирани во таа земја. Тоа го потврди пратеникот Томас Оперман. Овој социјалдемократ тоа го знае со сигурност бидејќи е претседател на парламентарната комисија за контрола на работата на БНД и на военото разузнавање МАД. „Знаеме дека соработници на БНД се активни на Косово и тоа е потребно заради заштитата на нашите војници стационирани таму. Потребни ни се навремени информации за можните ризици и опасни ситуации,“ вели Оперман, кој додава дека поединечни случаи како последниот, може да се расчистат единствено на седница на комисијата.

Опозицијата критикува

Во комисијата членуваат парламентарци од сите фракции во Бундестагот. Заседава зад затворени врати. Владата е обврзана опширно да ги информира парламентарците за активностите на тајните служби. Најчесто тоа го прави шефот на кабинетот на канцеларот, кој е и кооординатор на Службата за известување и разузнавање, БНД. Но, пред се’ претставниците на опозицијата не се задоволни со ваквата владина политика на информирање. Така, на пример, членовите на оваа комисија не знаат што се зборува на таканаречените претседателски рунди во владата. На овие редовни средби шефовите на тајните служби ги претставуваат проценките за безбедносната ситуација, како што беше на пример по терористичките напади во САД од 11 септември и можните последици од нив за Германија.

Verdächtige des Anschlags in Pristina
Уапсените соработници на БНД во ПриштинаФотографија: picture-alliance/dpa

Волфганг Нешковиќ, од партијата на левите, кој е член на паралментарната комисија за контрола и поранешен судија на Врховниот суд, бара пристап на „претседателските рунди“. „Ако ние немаме пристап на овие средби тогаш оние што треба да ги контролираме, всушност ќе го контролираат обемот на контролата. Тоа е исто како еден обвинет да го контролира обемот на прибирање на докази против него. Во таков случај лесно е да се претпостави дека ќе дојде до ослободителна пресуда,“ констатира Нешковиќ. Според него ваквата состојба мора да се промени.

Недостасува ефективна контрола

Во последниве години повеќепати се потврди потребата, итно да се преземе нешто околу контролата на тајните служби. Особено откако БНД мораше да признае дека шпионирале новинари. Спорна е и улогата на агентите на БНД во Багдад за време на ирачката војна. Опозицијата е убедена дека тие им ги дале на Американците координатите за бомбардирање на одредени цели. Со сите овие обвинувања веќе две години се занимава парламентарната истражна комисија. Но, и покрај сите критики за БНД, во Бундестагот постои согласност дека тајната служба е потребна. Особено во ова време на зголемена закана од тероризам.

Verkauf von Fan-Artikeln mit BND-Logo
Фотографија: AP

За ова нема дилема ниту претставникот на партијата на левите, Волфганг Нешковиќ. Но, тој бара, парламентарците да ги добиваат потребните информации од тајните служби кои се основа за донесување политички одлуки. Според него мора да се осигура и дека оние кои што употребуваат разузнавачки методи, ќе бидат вистински контролирани.

Ефективна контрола е нешто што недостасува уште од порано. Само така може да се објаснат бројните скандали поврзани со БНД во последниве години. Но, фракциите во Бундестагот не можат да се договорат за заеднички пристап кон овој проблем. Се чини, се уште е голема меѓусебната недоверба околу оваа чуствителна тема.