1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каков е односот на германските медиуми кон САД?

9 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AeW4
На оваа тема деновиве во дворецот Елмау се одржа симпозиум на водечки новинари од германските медиуми, на кои им се придружија и колеги од Франција и САД.

Дури по два часа, тукуречи кон крајот на симпозиумот, кога присутните веќе полека почнаа да губат надеж дека нешто позначајно ќе се случи во врска со зададената тема, одеднаш од публиката за збор се јави еден постар господин со јасен американски акцент:

"Јас пред еден месец ја прекинав 30-годишната претплата на Зидојче цајтунг. Не сакав како Американец, кој радо живее во Германија, да морам да почнам да ги мразам Германците, бидејќи морам од време на време да ги читам статиите полни со омраза."

Дури на ваквата недвосмилена и јасно адресирана изјава дојде до поместување во дебатата во насока на конкретните проблеми. Во неа, меѓутоа, негативната слика за САД дел од присутните уредници и новинари ја бранеа со фактот што навистина има многу што негативно и да се извести за американската политика. Тоа е тукуречи должност на новинарите како хроничари на едно време, се слушна од повеќе страни.

На прашањето што беше уфрлено во дискусијата, од каде доаѓаат негативните тонови во најголемиот дел од статиите со коментаторски карактер, одговорот на одговорните за германските угледни весници беше дека таквите тенденции не се вештачки произведени во редакциите. Таквиот став и начин на гледање е проширен низ целото германско општество. Ако се прифати овој аргумент, тогаш произлегува дека публицистите немаат никаква одговорност за напишаниот збор, доколку нивното мнение соодвествува на она што го имаат народните маси.

Но, ваквата слика за големата хармонија во ставовите меѓу новинарите и поголемиот дел од германската јавност не издржа долго. Та и меѓу пишувачите сами постојат различни, па дури и дијаметрално спротивни ставови околу американската политика:

"Ние имавме во редакцијата многу емотивни дебати и судири на мислења. Претпоставувам дека така е и во Франкфуртер Алгемајне, како и кај нас. Ние на моменти навистина викавме едни на други, а меѓу редакцијата за актуелна политика и онаа за фељтони се појавија напнатости, какви што никогаш порано не сум доживеал" - вели раководителот на надворешно политичкиот оддел на "Зидојче цајтунг", кој себе си се смета за истакнат пријател и одличен познавач на Америка. Дотолку повеќе, меѓутоа, зачудуваше неговиот отпор да ја прифати оценката на шефот на културната рубрика во магазинот "Фокус", Штефан Сатлер, кој воедно беше и водител на целата тркалезна маса, имено дека негативниот тон во германскиот печат има карактер на журнализам што се потпира врз предрасуди.

Соочувањето со критиката на сметка на критичкиот тон во германскиот весници насочен против Америка тешко му падна и на издавачот на "Франкфуртер Алгемајне", Франк Ширмахер:

"Драг господине Сатлер, дали навистина се чудите на фактот што, кога Америка се реши да води војна против волјата на ОН, и Франкфуртер Алгемајне критички пишуваше за САД?"

Најдоцна на ова место во расправата ќе беше добро да се приложи добра емпиричка анализа за пишувањето на германските весници, од која статистички јасно ќе произлегуваше дали станува збор за објективна критика, за негативно обоена критика или дури за тиради на омраза?