1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спортските ѕвезди за Божик

С.Матиќ/С.Недевски/сид24 декември 2013

По напорната натпреварувачка година, германските спортски ѕвезди им се радуваат на Божикните празнувања во кругот на семејството со богата трпеза и мноштво божикни подароци. Сепак некои на Божик не можат да се опуштат.

https://p.dw.com/p/1AgN8
Фотографија: Getty Images

Светскиот првак во Формула 1 Себастијан Фетел очекува принова во семејството. Кошаркарот Дирк Новицки Божик ќе го помине со сопругата и детето, а некогашниот тениски идол Борис Бекер за божикните празници мора да работи - на тенискиот терен.

Божикните празници и за германските спортски ѕвезди се можност за опуштање во кругот на најблиските, време во кое можат во мир да размислат за изминатиот период, да коваат планови за идната година и едноставно да уживаат во семејната атмосфера. Но, многу од нив дури и за Божик остануваат она што се - професионални спортисти.

„Пред сѐ сакам да поминам време со семејството и пријателите. Би сакал да одам и на скијање, бидејќи не сакам да се излежувам дома на каучот и да јадам слатки“, изјави Себастијан Фетел, најмладиот четирикратен светски првак во Формула 1. За неколку недели неговата девојка Хана ќе го роди нивното прво дете.

Bildergalerie Hochzeiten und Trennungen der Stars in 2012
Фотографија: Getty Images

Германската НБА ѕвезда Дирк Новицки е веќе искусен татко, неговата ќерка Малаика се роди минатото лето. Но, време за дружење со малото девојче Новицки нема да има премногу. Календарот во американската кошаркарска професионална лига е немилосрден. Тато мора да игра и да заработи за пелени и детска храна.

Нова работа за Бекер

Божик 2013. сигурно ќе биде длабоко врежан во сеќавањето на Борис Бекер. Токму за неколку дена започнува неговиот нов „живот“. Бекер на изненадување на многумина стана новиот тренер на Новак Ѓоковиќ: „На 27. декември за првпат ќе седам на трибина во тек на еден меч на Новак“, изјави 46-годишниот Бекер за весникот „Билд“.

Бекер значи ќе нема време за своите омилени божикни активности: конзумирање колачиња со децата и гледање фудбал. Тој навива за Челзи, а Англичаните играат првенствено коло и во текот на божикните празници - тоа има посебно име: „Боксинг Деј“.

А, на „Боксинг Деј“ на терен мора да излезе и германската „колонија“ во Премиер лигата. Месут Озил, Лукас Подолски или Пер Мертезакер во дресот на Арсенал се борат за бодови и одржување на врвот на табелата.

Boris Becker Lilly Becker Oktoberfest 2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

За време на Божик во Германија фудбалот е на пауза. Претседателот на Бајерн, Ули Хоенес најави дека сака да се опушти, да размисли за комплицираната година која се ближи кон крајот (тој е обвинет за затајување данок), да ужива и да собере сила за нови предизвици. На божикната трпеза ќе се најдат шкампи, тирамису и уште многу други вкусни работи, откри Хоенес за радио станицата БР.

Германскиот фудбалски селектор Јоаким Лев, Божик ќе го помине со сопругата Даниела, со чаша црно вино и традиционалното печено месо. На Бадник целото семејство Лев оди на полноќна миса.

Финалистката на Вимблдон Сабине Лисицки, Божик нема да го помине заедно со нејзиното ново момче, ТВ-водителот Оливер Похер. 24-годишната тенисерка „мора да работи“ - во Брисбејн се подготвува за Аустрелијан Опен.

Deutsche Fussballspieler im Ausland
Фотографија: picture-alliance / augenklick/firo Sportphoto

Пауза пред Олимпијадата

Скијачката Марија Хефл-Риш неколку дена за божикните празници „не сака да скија“ и ќе направи мала пауза пред да почнат подготовките за Олимписките игри во Сочи.

Голферот Мартин Кајмер за првпат по 7 години Божик ќе го дочека во својот роден град Метман (во близината на Диселдорф), и веднаш по божикните празници ќе лета за САД на тренинг.

Светката шампионка во фрлање копје (и германска спортистка на годината) Кристина Обергфел исклучително успешната 2013. ќе ја „заокружи“ во кругот на семејството: „Јас ќе готвам!“