1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како го замислувате Бога?

8 август 2010

Во деветнаесеттиот век луѓето биле фасцинирани од магијата на Ориентот. Мноштво сликари од Европа ја овековечиле својата претстава за Блискиот Исток на платното. Но, како гледаат муслиманите на таквите уметнички дела?

https://p.dw.com/p/Ob44
Фотографија: picture alliance/dpa

Еднаш месечно, во хамбуршката уметничка галерија се сретнуваат христијански, муслимански и еврејски теолози и дискутираат за религиозни мотиви пред уметничките дела во серијата: „Уметноста во меѓурелигискиот дијалог“.

Историчарката на уметност, Марион Кох, води група посетители во салата Мајстер-Бертрам. Гостите си ги местат столчињата и почнуваат да го набљудуваат познатиот олтар од 1383 година: Библиски приказни на позлатена основа - циклус слики којшто се чита како книга, од лево кон десно:

„Ова се слики кои се поставени така, што лесно може да се разбере нивната смисла. Тие биле лесно разбирливи и во минатото кога набљудувачите не биле писмени, туку ги познавале приказните преку традицијата на усно пренесување“, објаснува Марион Кох, иницијатор и модератор на оваа уметничка серија.

Бог не е суштество

Sonderausstellung Wer ist der Gral? - Bühnenbildentwurf
Фотографија: Richard-Wagner-Museum

„Ако ги погледнете првите шест-седум слики, ќе забележите дека на нив е претставен Бог“, продолжува Марион. „Господине Јакоби, како е претставен Бог во муслиманската традиција?“

Абу Ахмед Јакоби е имам и член на одборот на Шурата, односно Советот на муслимански здруженија во Хамбург. Тој објаснува зошто во исламот нема конкретна слика за Господ. Алах може да се почувствува и сфати единствено преку неговото делување, преку кое се покажува како Создател: милостив и праведен.

„Арапскиот збор „алах“ лингвистички означува некого кому му се обраќате во неволја. Тоа е функционална ознака, а не опис на некакво суштество. Следствено на тоа, не постојат слики за Господ“, вели Јакоби.

„Тоа е сосема поинаку во христијанската традиција“, се јавува вториот референт, Кај Краак, евангелско-лутерански пастор, укажувајќи на олтарот од Бертрам, познат германски сликар од времето на готиката. Станува збор за најстариот целосно зачуван олтар во Северна Германија со претстави за различни светци и за приказната за создавањето на светот:

„Има многу од овие слики и доста слободно можеме да оперираме со нив, знаејќи дека немаат директна поврзаност со реалноста.

Уметничките слики ги раздвижуваат мислите

Blatt aus der Schedelschen Weltchronik
Фотографија: DHM

Марион Кох верува во моќта на сликите да му ги отворат очите на човекот:

„Овие дела се појдовна точка за набљудување на начинот на кој нештата се прикажани на нив и за можното пренесување на таа претстава во денешен контекст.“

Речиси сите дела во музејот потекнуваат од христијанската традиција, но Абу Ахмед Јакоби вели дека постојат многу заеднички нешта со муслиманскиот свет:

„На човекот му е потребна духовноста. Тој отсекогаш бил во потрага по Бога, а сликите зборуваат еден јазик кој може да го интерпретираат сите.“

Јакоби ќе има улога на референт и во понатамошните предавања. Оваа серија за него е можност, меѓурелигискиотдијалог да се ослободи од сувопарната теорија:

„Сликите ги раздвижуваат мислите на набљудувачот. Тоа што секој раскажува според сопствената традиција и убедување го прави разговорот пожив, бидејќи, во основа, меѓурелигискиот дијалог е доста монотон ако се дискутира само за теологија или догми. Тука атмосферата е сосема поинаква и на настанот му даваме друга боја. Навистина е забавно!“

Автор: Силке Ламан Ламерт / Далибор Стајиќ

Редакотр: Трајче Тосев