1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да изгледа „светската влада“?

25 септември 2010

Денеска (25.09.2020) на Генералното собрание во Њујорк ќе се обрати и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Главни теми на собирот се реформата на Советот за безбедност, светската економија.

https://p.dw.com/p/PMUQ
Генерална дебата на Генералното собрание на ОНФотографија: AP

На вториот ден од генералната дебата во ОН доминираа теми како реформата на Светската организација, пред се’ на Советот за безбедност, потоа мировните преговори на Блискиот исток, состојбата на светската економија, како и повеќе регионални проблеми. Денеска, на третиот ден, од говорницата на Генералното собрание во Њујорк ќе се обрати и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, кој меѓу другото ќе ги истакне предностите на неговата земја при кандидатурата за место на непостојана членка во Советот за безбедност за 2011 и 2012 година.

Барања за реформа на Советот за безбедност

Светската зедница веќе со години не може да се договори околу тоа, како треба да се реформира Советот за безбедност. Согласност меѓутоа постои барем околу тоа дека сегашниот состав и структура не ги одразуваат повеќе реалните односи во 21 век. Претседателот на Сенегал, Абдулаје Ваде, на пример, побара постојано место за африканскиот континент во Советот за безбедност и тоа со право на вето. Тоа го побараа и многумина други африкански лидери од говорницата на Генералното собрание.

UN Milleniumsgipfel New York Angela Merkel Rede
Ангела Меркел-Германија се залага за реформа на Советот за безбедностФотографија: AP

Британскиот заменик премиер, Николас Клег, како претставник на една од петте земји со постојано место во Советот, го поддржа нивното барање:

„Велика Британија недвосмислено бара постојано место за Бразил, Индија, Германија и Јапонија, како и претставништво за Африка. Едноставно речено, ОН не можат да зборуваат од името на многумина, а да ги слушаат гласовите само на малкумина.“

Фолкландските острови-спорна тема

Наспроти ваквата демократска заложба на британската влада што се однесува до реформата на Светската организација, нејзиниот став кон Фолкландските острови пред брегот на Аргентина наиде на критика од Кристина Фернандез. Претседателката на Аргентина, во говорот во Њујорк и’ префрли на Велика Британија дека ја злоупотребува позицијата на моќ како постојана членка во Советот за безбедност. Британците немаат право да бараат нафта кај Фолкландските острови, порача Фернандез. Двете земји со децении се спорат околу припадноста на спомнатата островска група пред брегот на Аргентина, а во 1982 година дури водеа војна поради тоа.

Кристина Фернандез исто така ја поддржа идејата на наредното заседание на Генералното собрание идната година делегатите да можат да ја поздрават Палестина како нова членка на ОН. Предлогот за такво забрзување на мировните преговори меѓу Израелците и Палестинците дојде претходно од американскиот претседател Барак Обама.

Обраќање на Гидо Вестервеле

Денеска меѓу говорниците на Генералното собрание ќе се најде и шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, кој ќе ја искористи можноста да го истакне германскиот ангажман за ОН, како и нејзината доверливост како партнер во меѓународните односи. Неговата земја имено се бори за што е можно поголем број гласови од другите членки за местото на непостојана членка на Советот за безбедност во 2011 и 2012 година.

Автор: Кристина Бергман/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска