1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да им се одолее на салафистите?

Џенифер Фражек/ Симе Недевски10 декември 2013

Салафистите имаат се‘ повеќе приврзеници во Германија. Многумина заминуваат во Сирија, а кога ќе се вратат, можат да бидат опасни. Проектот „Патоказ“ треба да го спречи тој загрижувачки развој...

https://p.dw.com/p/1AVgj
Innenminister stellt Konzept gegen Islamismus vor
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бројките зборуваат сами за себе: во Германија има 5.500 салафисти и нивниот број константно расте. Само во сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија бројот на салафисти за една година двојно се зголеми, на 1.500, велат во покраинското одделение на Службата за заштита на уставниот поредок. Тие исто така велат оти салафизмот сам по себе не е милитантен, но е плодна почва за радикализација на неговите приврзеници. Салафистите пропагираат традиционална слика за исламот. Некои од нив сакаат да го променат општеството по таквиот модел, а Службата за заштита на уставниот поредок, смета дека мал дел од нив е подготвен да ја оствари целта со примена на насилство. Салафизмот особено ги привлекува младите луѓе, посебно по говорите на проповедниците или по посетата на некој од конгресите или слични собири. Регрутирањето на нови членови се одвива на интернет: салафистите регрутираат на Фејсбук, Твитер или на Јутјуб.
Не само што на тој начин расте бројот на салафисти, туку тие стануваат сѐ порадикални, вели Букард Фрајер, шеф на Служба за заштита на уставниот поредок во Северна Рајна Вестфалија. Покрај масовна пропаганда, една од причините е и војната во Сирија во која во моментов учествуваат повеќе од 220 исламисти од Германија. Некои од нив веројатно ќе се вратат во Германија како насилни џихадисти. Проектот „Патоказ“ е наменет за превентива и тоа во многу ран стадиум. „Сакаме да се обидеме салафистите или исламистите воопшто да не дојдат во контакт со такво општество“, вели Фрајер. Проектот на владата на Северна Рајна Вестфалија најнапред ќе започне во Бон, Диселдорф и Бохум.

Syrien Islamisten Ausbildung Kämpfer, 28.11.2013
Многу исламисти од Германија војуваат во СиријаФотографија: Reuters

Идеологијата не е одлучувачка

Притоа треба да се знае што буди интерес за салафизмот. Колегите на Фрајер разговараа со 130 лица кои преминале во ислам и кои се движат во салафистички кругови. „Дознавме дека во салафистичките организации доаѓаат на различни начини и поради различни причини. Идеологијата е ретко одлучувачки фактор“, вели Фрајер. Многу поголема улога играат личната дезориентација и изолација- слични се причините поради кои младите стануваат десни екстремисти.
Михаел Кифер, стручњак за ислам, вели дека улога игра и тоа кој во кое време со кого се сретнал. „Ако младите луѓе кои отишле во Сирија таму не сретнат салафисти, можеби ќе се приклучат на некоја друга група. Работата е во тоа понудата да е атрактивна. Салафистите велат: ако ни се приклучиш нам, тогаш си на вистинската страна, го следиш Божјиот збор, не припаѓаш на неверниците кои ќе завршат во пеколот. На тоа треба да се додаде и еден вид другарство: не си сам, дискутираш за светот со луѓе кои имаат исти погледи како тебе“, вели Кифер.
Во проектот би требало да соработуваат младински институции, муслимански здруженија и организации, како и спортски клубови и црквата. „Неосалафизамот“, кој е подготвен да употреби насилство, како што вели Кифер, е проблем на целото општество, а не само на муслиманите. Главен партнер во разговорите во рамките на проектот „Патоказ“ би требало да биде лице кое е добро поврзано и прифатено од својата околина, кое има добро чувство за потребата на младите и за нивните проблеми. Независно од тоа и натаму ќе постои телефонска линија за совети на оваа тема. Фрајер вели оти пет до десет лица неделно се јавуваат и бараат помош. Тој се надева дека проектот „Патоказ“ ќе заживее во текот на наредната година.

Што со оние кои се веќе радикални?

Со проектот „Патоказ“ е предвидено кога младо лице ќе покаже радикални тенденции, на него да влијаат институциите за работа со млади луѓе. За да би било тоа можно, родителите, наставниците, училишните другари или работодавачите, мора да бидат внимателни и навремено да ја пријават промената на властите.
Програма за излегување од сцената, за разлика од десниот екстремизам, не постои. Кифер вели дека причина е тоа што проблемот со насилни салафисти се појавил во последните две или три години. Освен тоа, тешко е да се поврзат оние кои би сакале на салафистите да им свртат грб и оние кои би им помогнале во тоа. „Би помогнало, да речеме, стручно надгледување на затвореникот. Токму помладите прекршители на законот се во опасност и постои можност да конвертираат и да им се приклучат на салафистите. Поради тоа ни е потребна поголема грижа во затворите за затворениците од муслиманска вера“, додава Кифер.

Burkhard Freier NRW Verfassungsschutz 09.10.2013 Düsseldorf
Буркхард Фрајер од покраинското одделение на Службата за заштита на уставниот поредокФотографија: picture-alliance/dpa