1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

030210 Griechenland EU

3 март 2010

Според важечките европски договори Грција треба сама да се извлече од должничката криза. Но, со оглед на тешката ситуација зад кулисите во Брисел интензивно се бараат начини како да и’ се помогне на владата во Атина.

https://p.dw.com/p/MIJQ
Фотографија: Bilderbox / DW / Montage

На германскиот европратеник Јорго Шацимаркакис Грција му лежи на срце. Не е ни чудо, бидејќи тој потекнува од Крит. Дали поради потеклото или од некоја друга причина, тој последниве недели интензивно се вклучи во европската дебата околу надминувањето на кризата со грчките државни долгови. Меѓу неговите идеи се наоѓа и онаа за испраќање европски комесар за штедење, кој на владата во Атина директно би и’ помогнал во одредувањето на мерките за намалување на огромниот дефицит. Од друга страна, Јорго Шацимаркакис апелира до останатите Европејци да и’ помогнат на Грција во тешката криза. „Помошта е неопходна и тоа многу скоро. На Грција и’ се итно потребни околу 50 милијарди евра, преку сегашниот пакет за помош. За да се смират финансиските пазари би морало да се соберат околу 20 до 25 милијарди помош“, проценува Шацимаркакис.

Mazedonien EU-Parlamentarier Jorgo Chatzimarkakis Skopje
Германскиот европарламентарец со грчко потекло, Јорго ШацимаркакисФотографија: Petr Stojanovski

Спомнатите милијарди евра би требало да ги обезбедат Германија и другите членки на заедничката европска валута - колку и да им паѓа тешко таквиот дополнителен финансиски товар.

Против избрзана помош

Директорот на Центарот за европска политика, Даниел Грос, е против избрзана помош за Грција. Прво Грците мораат да покажат и да докажат дека имаат сериозна намера да спроведат темелни реформи, нагласува Грос: „Пред да постои програма со први чекори што нема да ги поддржува само владата во Атина, туку и широките народни маси и тамошните социјални партнери, сметам дека секоја помош е преуранета.“

Ако помошта дојде пребрзо, тогаш во Грција нема ништо да се смени, смета Даниел Грос, кој се изјаснува и против билатерална помош од европските држави. Наместо тоа треба да се основа Европски монетарен фонд, по углед на ММФ, кој би бил надлежен за помош во вакви тешки ситуации, како што е моментално оваа со Грција. „Овој фонд би можел да ги откупи грчките долгови по одредена цена, при што тие не би добиле 100% од вредноста, туку 70 или 80%. На тој начин во спасувачката акција би биле вклучени и оние кои на Грција веќе и’ дале премногу пари. Тоа според мене би бил обид за спасување со прифатлива цена“ - појаснува раководителот на Центарот за европска политика со седиште во Брисел, Даниел Грос.

Неопходна итна помош

Европратеникот Шацимаркакис ваквата идеја ја смета за добра и издржана, но во исто време нагласува дека формирањето на таков Европски моментарен фонд би требало предолго: „Во актуелната криза може да помогне само спонтана акција на повеќе моќни држави.“

NO FLASH George Papaconstantantinou
Постојано во контакт со Брисел: грчкиот министер за финансии, Јорго ПапаконстантинуФотографија: AP

Според одредбите на Лисабонскиот договор Грција не би смеела да очекува помош од другите Европејци. Но, нејзе реално и’ се заканува државен бакрот и тоа е закана за сите членки на евро-зоната. Затоа членот на раководството на германските синдикати, Клаус Матецки предлага Европската Централна банка да се вклучи во спасувачката акција и да откупи дел од грчките државни обврзници - на истиот начин како што им помогна на европските банки среде светската финансиска криза минатата година. Тој во исто време се спротиставува на идеите за општо намалување на платите на грчките граѓани, бидејќи тоа би значело дека товарот на излегувањето од кризата ќе падне најмногу врз нивните плеќи.

Колку и да е тоа горчлива вистина, сепак е неизбежна - смета бриселскиот експерт Даниел Грос. Само ако се намали нивото на платите во Грција, грчките производи можат повторно да станат конкурентни на меѓународните пазари. Само на тој начин може да се придвижи стопанскиот пораст во земјата, посочува Даниел Грос.

Автор: Волфганг Ландмесер/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска