1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се дојде до договор за либерализација на светската трговија?

А. Дикханс11 август 2008

Во Женева во тек се преговори како последен обид да се спаси таканаречената „рунда од Доха“, со која се предвидува либерализација на светската трговија. Субвенциите во земјоделството се главен проблем.

https://p.dw.com/p/Ej6x
ЖеневаФотографија: picture-alliance/ dpa

Со изразот „рунда од Доха“ се означуваат преговорите започнати во главниот град на Катар во 2001-ва година за натамошно укинување на бариерите во светската трговија - намалување на царините и отворање на пазарите. Веќе седум години преговорите се во ќорсокак. Од понеделникот во Женева министри од 40 значајни земји-членки на Светската трговска организација бараат пат за излез.

Европската Унија во Женева ја направи својата досега најдалекусежна понуда: намалување на субвенциите за земјоделството кај нејзините 27 земји-членки за 60 проценти, под услов и другите учесници да направат слично големи отстапки од своја страна.


Една четвртина од приходите на земјоделците од Запад се субвенции


Субвенционирањето е најспорниот момент. „Најважно за африканските држави е да се укинат извозните субвенции во богатите земји, како и помошта за земјоделците“, вели Мартин Гор, кој се занимава со овие прашања по налог на ОН.

Земјоделците во 30 земји на Организацијата за економска соработка и равој (ОЕЦД) минатата година, според официјалните податоци, добиле 258 милијарди американски долари како директна или индиректна помош. Таа подршка претставува во просек речиси една четвртина од вкупните приходи на земјоделците.


Западот бара земјите во развој и во подем да ги отворат пазарите


Индустриските држави во противпотег бараат од земјите во развој и во подем да ги отстранат бариерите за индустриски стоки, за да можат полесно да ги пласираат на нивните пазари. Тука во прв ред се бараат отстапки од земји како Индија и Бразил. „Многу од африканските земји ги укинаа трговските бариери. Но, потоа мораат да се соочат со конкурентски натпревар, кој во секој случај не е фер. На пример, во Сиера Леоне може да се купи поевтин ориз од Тајланд, отколку од сопствено производство“, илустрира Мартин Гор.

Министрите за трговија си зададоа максимум една недела за преговорите во Женева. Ако не постигнат согласност барем во неколку прашања, тоа би можело да значи дефинитивен крај на напорите за склучување нов договор за светската трговија.