1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се одржи секуларизмот во Сараево

Самир Хусеиновиќ / Б. Георгиевски28 јули 2013

Вербалниот напад врз една девојка во шорцеви е класичен пример на загрозување на човековите права, велат аналитичарите, нагласувајќи дека сите мораат да се борат да го сочуваат секуларниот карактер на Сараево.

https://p.dw.com/p/19Ejz
Фотографија: picture alliance/AP Photo

„Тоа требаше да биде сосема обично излегување“, вели за ДВ германската државјанка со потекло од БиХ која со својата пријателка се шетала низ центарот на Сараево.

„Сакавме да минеме една улица кога покрај нас запре возило. Кога се отвори прозорецот видовме еден ’брадест’ маж: Знаете ли дека е Рамазан? Како не ви е срам така да се облекувате“, раскажува нападнатата девојка. Нејзиниот грев се состоел во тоа што се шетала по улиците на градот во куси пантолони.

За критичарите овој случај е класичен пример на загрозување на човековите права и слободи. Бидејќи во главниот град на БиХ и претходно се случуваа вакви инциденти кои минуваа неказнето, уредникот во Федералната новинска агенција (ФЕНА) Феџад Форто за ДВ вели дека толерирањето на ваквото однесување може да биде вовед во анархија со несогледиви последици.

„Не сум повеќе сигурен дека полицијата и судството во било кој сегмент од животот сакаат да воведат ред, почнувајќи од ситни улични џепџии до вакви случаи на екстремистичко насилство против луѓе кои поинаку мислат или се облекуваат“, вели Форто.

Сите во одбрана на секуларните вредности

Аналитичарите оценуваат дека ваквите поединечни случаи на нарушување на човековите права не можат да ја загрозат мултиетничката слика на Сараево, но дека сите негови жители треба да застанат во одбрана на секуларните вредности, доколку БиХ ја сметаат за дел од западната цивилизација.

„Без оглед на националните или верски определби, сите во Сараево мора да се обидеме него да го зачуваме како секуларен град, со сите негови придобивки. Не смееме да дозволиме религиозното да дојде пред секуларното, бидејќи БиХ и според Уставот е секуларна држава“, вели новинарот на БХ магазинот Ѓорѓе Крајишник.

26.02.2013 DW city Sarajevo
Панорамски поглед на Сараево

Но, проблемот е токму во тоа што одредени радикални групи кои за себе тврдат дека се единствени на вистинскиот „божји“ пат не ги почитуваат Уставот и законите на земјата во која живеат. Феџад Форто вели дека „вехабиското движење наидува на плодно тло во повоена БиХ, при што има поддршка и од помал дел од Исламската заедница“.

„Исто така сметам дека тука се вплеткани и некои меѓународни разузнувачки структури, бидејќи не е нормално тоа што еден, по мое мислење лесно решлив проблем, не се решава со години“, вели Форто.

Ријасетот на Исламската заедница во БиХ, во меѓувреме, го осуди вербалниот напад врз младите девојки.

„Го осудуваме секој вид насилство кон било кого, бидејќи секој има право на свој избор. Исто така, не може да се очекува од нас да преземаме одговорност за однесувањето на секој поединец на улица“, соопштија од Ријасетот.