1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се реинтегрираат талибанците?

28 јануари 2010

Меѓународната конференција посветена на иднината на Авганистан започна во Лондон во присуство на претставници на 70 држави. На Конференцијата се разговара за заедничката цел - стабилен и безбеден Авганистан.

https://p.dw.com/p/Lilg
Гордон Браун и Хамид КарзаиФотографија: AP

Британскиот премиер Гордон Браун денеска го претстави планот кој треба да ги охрабри талибанците да се откажат од насилството.

„Формиравме меѓународен фонд за да го финансираме планот за реинтеграција на талибанците. Но оние бунтовници кои ќе го отфрлат планот ќе бидат воена цел“, соопшти Браун на отворањето на конференцијата. САД, Велика Британија и Германија го поддржаа планот со кој ќе се издвојат околу 500 милиони долари за реинтеграција на талибанците во општеството.

Но талибанците јавно го отфрлија. За радикалното движење, единствен услов да се седне на преговарачка маса за иднината на земјата е сите странски трупи прво да го напуштат Авганистан.

Afghanistan Konferenz London
По групното фото, следи вистинската работа. Од конференцијата во ЛондонФотографија: AP

Поддршката за Авганистан и во следните 15 години

На Авганистан ќе му биде потребна помош во следните 15 години, соопшти претседателот Хамид Карзаи во пресрет на отворањето на конференцијата. Во моментов во земјата се наоѓаат околу 110 илјади странски трупи, а нивниот број се очекува да порасне во претстојната година. Според проценките на Карзаи, за обука и екипирање на авганистанските трупи ќе бидат потребни меѓу 5 и 10 години, додека за нивна поддршка додека државата не биде способна да ги финансира, околу 15 години.

Стотици демонстранти го искажуваат своето негодување со политиката во Авганистан пред зградата во која се одржува конференцијата, на која се очекуваат излагањата и на американскиот државен секретар Хилари Клинтон, и на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.

Германската канцеларка Ангела Меркел, чија земја е најголем финансиски донатор на Авганистан, вчера оцени дека конференцијата во Лондон ќе биде клучна за успехот на мисијата на западните земји во таа држава.

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен во текст во лондонски „Тајмс“ апелираше до учесниците на конференцијата да одредат јасен политички план за иднината на земјата. „Напорите и жртвувањето на нашите војници нема да бидат доволни за да се надмине критичниот момент во Авганистан“, оцени Расмусен.

Автор: БГ/АТ/афп/ап

Редактор: Жана Ацеска