1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

121110 Erdgas NRW

28 ноември 2010

Германската покраина Северна Рајна Вестфалија можеби лежи врз резерви на земен гас доволни десет години целосно да бидат покриени потребите на Германија. За да се провери точноста на проценките нужни се пробни дупчења.

https://p.dw.com/p/QGgf
Фотографија: dpa

За да се експлоатира земниот гас во Северна Рајна Вестфалија не е доволно само да се изврши дупчење и тој директно да се доведе до гасовод, оти овде метан-гасот не е во слободна форма, туку е врзан во камени структури кои содржат јаглен. Гасот, значи, мора да се експлоатира со неконвенционални техники, туку да се истиска од каменот и со помош на течност да се изнесе на површината од земјата. Дали сето тоа би било исплатливо треба да се утврди со анализа на материјал што би се добил со пробните дупчења до длабочина од околу две илјади метри, што треба да се вршат на три места во покраината. Позитивните резултати би значеле голема енергетска независност на Германија и економски подем на регионот, но жителите сепак се скептични и загрижени.

Стеновитиот материјал ќе се разбива со силен притисок, за што ќе се користат до десет милиони литри вода, во која ќе се додава и еднопроцентен хемиски раствор од биоциди и материи штетни за водата за пиење, објаснува Матијас Елсхоф, претставник на една граѓанска иницијатива од Нордвалде, местото во кое треба да се вршат првите пробни дупчења.

Резервираност од страна на заштитницте на животната средина

Заштитниците на природната околина страхуваат дека така загадената вода, користена при таа постапка, може да стигне во повисоките слоеви на земјата, во кои се наоѓаат резервите на вода за пиење. Во длабоките слоеви демнат и други опасности, вели Елсхоф. „Таму може да има природни радиоактивни материјали, растворливи во вода, па не е исклучено со другиот материјал и тие да бидат испумпани на површината. Натамошна опасност е што во долните слоеви има соли, па водата може да стане многу солена, а уредите за прочистување не можат да го апсорбираат сето количество. Прво мора да се разговара за овие работи, пред да биде решено да се почне со дупчење“.

Regionaler Gasversorger ThüringenGas
Фотографија: dpa Zentralbild

Американскиот концерн „Ексон мобајл“, кој побара дозвола за пробни работи, нема разбирање за загриженоста на жителите: дупнатините ќе биле заштитени со армирано-бетонски, апсолутно непропустливи цевки, и поради мерките за безбедност овде не можале да се случат несреќи како во САД. Таму хемикалиите и гасот стигнале и во бунарите со вода за пиење. „Се чувствуваме по малку како животинки за тестирање. Досега немало истражувања за гас содржан во јагленови стени. И, кога велат дека сето било сигурно - од каде можат да го знаат тоа?! Може да се случи на нешто воопшто ни да не помидлиле“, вели Матијас Елсхоф.

Прво ќе има само механички пробни дупчења, а испитувањата на материјалот добиен со нив треба да покажат дали економски ќе се исплати експлоатацијата на гасот. Дури потоа ќе уследи обемна постапка на издавање одобрение и проверка на еколошките аспекти. Експерти сметаат дека ќе поминат уште најмалку пет до десет години, додека да започне евентуаната комерцијална експлоатација на земниот гас.

Автор: Маркус Холтрихтер/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска