1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до излез од сириската криза?

Александар Методијев/ројтерс/афп/миа31 мај 2012

Лидерите од САД, Германија, Франција и Италија преку видео-врска се согласија дека е ургентно потребно постигнувањето политичка транзиција во Сирија. Белата куќа не информира дали станало збор за воена интервенција.

https://p.dw.com/p/1558q
Фотографија: dapd

Преку видео-конференциска врска лидерите од САД, Германија, Франција и Италија вчера вечер разговараа за за состојбата во Сирија и за развојот на настаните во Европа. Барак Обама, Ангела Меркел, Франсоа Оланд и Марио Монти „разговараа за последните случувања во Сирија и ги споделија своите видувања за значењето на ставањето крај на насилството спроведено од владата врз својот народ, како и за ургентноста од постигнување политичка транзиција“ во земјата, стои во соопштението од Белата куќа. Во него сепак не се посочува какви заклучоци лидерите донеле во однос на Сирија и економската криза во Европа.

САД веќе експлицитно не ја исклучуваат можноста од воена интервенција и за својата подготвеност да се вмешаат во сирискиот конфликт, со цел ставање крај на насилството. Францускиот претседател Оланд веќе изрази подготвеност за учество на неговата земја во таква меѓународна акција, а и Израел побара од меѓународната заедница воена интервенција против владата на претседателот Башар ал-Асад.

Hollande Obama Merkel Camp David G8 Gipfel treffen
Оланд, Обама и Меркел (на фотографијата) заедно со Монти оддржале видео-конференција посверена на СиријаФотографија: dapd

„Овие настани во Сирија го принудуваат светот да преземе акција и не само да зборува, туку да направи нешто“, изјави израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак во говор во Тел Авив.

Израел стравува од оружјето на соседот

Израел до сега беше воздржан во однос на сирискиот конфликт, бидејќи се плашеше од немирите во соседната непријателска земја. Еврејската држава до сега повеќе пати предупредуваше дека со падот на режимот на Асад постои опасност големиот арсенал оружје да падне во рацете на исламистите и терористите.

А, како преуранети ги смета Русија воената интервенција и новите мерки за притисок врз Сирија, што што ги заговараат некои од западните земји.

„Ние сметаме дека би било преурането сега да се разгледуваат нови мерки за ситуацијата од страна на Советот за безбедност“, изјави заменикот министер за надворешни работи на Русија Генадиј Гатилов и додаде: „Суштински е да му се даде време на мировниот план на Кофи Анан да профункционира, бидејќи интервенцијата само ќе ја влоши состојбата и во Сирија и во регионот како целина“.

Großbritanien weist syrischen Botschafter aus
Фотографија: picture-alliance/dpa

САД бараат акција против ал-Асад

Забелешки дека планот на Кофи Анан не се спроведува во минатиов период пристигнуваа и од западните земји, како и од ОН. Американската амбасадорка во оваа институција Сузан Рајс изјави дека перспективите за политичко решавање на ситуацијата во Сирија сега речиси и да не постојат и оти затоа Советот за безбедност мора да разговара за нова акција.

Додека политичарите размислуваат како да се справат со кризата во Сирија, бунтовниците му дадоа ултиматум од 48 часа на претседателот Башар ал-Асад, за да го почитува меѓународниот мировен план за прекин на насилството или во спротивно да се подготви за последиците. Доколку Асад не го почитува договореното, бунтовниците соопштуваат дека и тие ќе се повлечат од мировниот договор на Кофи Анан. Заменикот на специјалниот претставник на ОН за Сирија Жан Мари Гено вчера ги повика власта и опозицијата во земјата на преговори за да се прекине насилството.