1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до професионална администрација?

15 јули 2010

Во Македонија се’ уште преовладува уверувањето дека државната работа е посигурна. Тоа создава притисок врз јавната администрација и впечаток дека таа е нестручна и исполитизирана.

https://p.dw.com/p/OJSd
Фотографија: Bilderbox

Шеесет и пет проценти од Буџетот се трошат за плати на администрацијата, која брои неверојатни 150.000 редовно вработени и ангажирани со договор на дело. Овој огромен чиновнички апарат наспроти 270.000 пензионери, 340.000 невработени и 100.000 луѓе кои примаат социјална помош, мора да се димензионира и да се направат сериозни реформи што се одложуваат со години. „Немојте сите пари што ги собираме од граѓаните да одат во стомаци, треба нешто да се врати и на стопанството“, апелираше неодамна деканот на Правниот факултет во Скопје Борче Давитковски.

Од тогаш не е направено ништо за подобрување на сoстојбата. Не е сторено ништо ниту по речиси една година од донесувањето на Законот за јавна администрација, еден од најважните со предзнак европски. Генералниот впечаток е дека администрацијата во Македонија и натаму е трома, непрофесионална, исполитизирана, нестручна. „Државната администрација стана резервоар за вдомување на партиските поддржувачи, идни гласачи,“ оценува за Дојче веле, Стево Пендаровски, од Американ колеџ Скопје.

Gebäude der Ministerien für Finanzen Soziales und Kommunale Selbstverwaltung
СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Со секоја промена на власта администрацијата доживува цунами. Крајниот производ од мешањето на политиката се неквалитетни службеници, кои се подложни на притисоци, влијанија и корупција. Затоа политичката волја е клучен фактор за изградба на вистинска демократска и професионална администрација, која ќе биде сервис на граѓаните, а не на власта. Еден од најголемите апсурди на македонската економија е што и по две децении транзиција се’ уште преовладува мислењето државна работа си е државна. „Приватниот сектор не се развива соодветно, постојат ризици и луѓето чуствуваат дека најсигурно е да работат во јавната администрација,“ изјави за Дојче веле, Снежана Милошеска Костадиновска од Економскиот институт.

Како да се реши проблемот, има ли волшебна формула?

Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование заговара радикална мерка. „Јас сум поборник на естонскиот модел, со добар пакет да се отпуштат сите од работа, потоа странска фирма да регрутира нова државна админстрација“.

Со Димова не се согласува Милошеска Костадиноска: „Многу се експериментираше во изминатите години во Македонија, доста се радикални мерки, многу е истрауматизиран македонскиот народ.“

Една од позначајните новини предвидени во законот донесен со консензис на власта и опозицијата е унапредувањето во кариерата на вработените во администрацијата. „Партиската книшка не треба да биде основен критериум за вработување, туку стручноста, компетентноста и одговорноста. И не треба да биде важно кога некој добива работно место во администрацијата, дали пред избори или по нив“, смета министерот за правда Михајло Маневски.

Минатата недела согалсно Рамковниот договор работа под капа на државата добија 260 луѓе. Во септември се најавува трансформациа на привремените во трајни вработувања. Се лицитира со различни бројки. Владата вели 5.000, опозицијата 30.000.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска