1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до социјална правда во Германија?

Мартин Кох/Б. Георгиевски20 февруари 2013

Обединетите нации го прогласија денешниот 20. февруари за Светски ден на социјалната правда. За многумина Германци клучниот аспект во тој поглед е: образование за сите

https://p.dw.com/p/17hl8
Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Социјалдемократите се залагаат за неа, исто како и Слободните демократи и демохристијаните, но и Зелените и Левицата се на истиот колосек: „социјалната правда“ во следните месеци од претстојната кампања за парламентарните избори ќе игра клучна улога во настапите на СПД, ФДП, ЦДУ/ЦСУ, Партијата на Левицата и на Зелените.

Се чини дека сите партии го чувствуваат пулсот на времето. Една репрезентативна анкета на Институтот од Аленсбах покажува дека 71 отсто од Германците гледаат се поголема социјалната нееднаквост, која со текот на времето ќе станува се’ поголема. Притоа, две третини од испитаниците сметаат дека политиката е одговорна за ваквиот развој.

За разлика од многу други земји во земји, темата за социјалната еднаквост во Германија не се однесува, во прва линија, на поделбата на материјалните добра. Повисок данок на добивка или поголемо оданочување на оние кои заработуваат многу, според истражувањата поддржуваат само половина од испитаниците. Во општеството е генерално прифатливо дека треба да постои разлика меѓу социјалните класи, вели Хубертус Пеленгар, раководител на иницијативата Нова социјална пазарна економија.

„За Германците едно општество е праведно тогаш кога сите деца ќе имаат исти шанси за образование. Тоа го велат 90 проценти. И тука е најголемата потреба за акција во државата“, вели Пеленгар.

Hubertus Pellengahr Initiative Neue Soziale Marktwirtschaft
Хубертус ПеленгарФотографија: picture-alliance/dpa

Различни толкувања

Барањето за социјална правда пред парламентарните избори ќе биде наведено во сите партиски програми. Но, самите партии различно го толкуваат овој поим, вели социологот Штефан Либих од Универзитетот во Билефелд.

Додека Левицата се залага за редистрибуција на платите и добрата, останатите партии бараат еднакви шанси за сите. Либих потенцира дека нееднаквоста не значи автоматски и неправедност.
“Социјалната праведност значи и дека луѓето ќе бидат праведно наградени за својот труд. Тоа е еден важен аспект на социјалната правда“, вели Либих. Тоа го потврдува и анкетата на Институтот Аленсбах во која 81 отсто од испитаниците прифаќаат дека добрите резултати треба подобро и да се платат. Ваквата неднаквост според научникот е мотивирачка и го подобрува благосостојбата на општеството.

Од друга страна, многу е важна праведното вреднување на трудот.

„Сметам дека е многу важна перцепцијата на секој поединец дека е третиран праведно во општеството, бидејќи неправдата е сигнал за луѓето оти другите профитираат од нивната работа“, вели Либих. Притоа, научно е докажано дека чувството на неправда води кон тоа работникот помалку да се залага на работното место, а таквото чувство на долг рок предизвикува и психички и физички проблеми.

Преку образование до праведност

Кога германското општество на прашањето „Што е праведно?“ одлучно одговара дека е тоа еднаквата шанса за сите, тогаш тоа е јасен сигнал за политичарите од сите партии, да ги подобрат условите за децата и семејствата. Пристапот до образованието е клучот за општествениот и економскиот успех вели Хубертус Пеленгар, од иницијативата Нова социјална пазарна економија.

Professor Stefan Liebig
Штефан ЛибихФотографија: Universität Bielefeld

„Решението е во тоа маргинализираните млади луѓе подобро да се образуваат и интегрираат, да се стори повеќе за образованието во раното детство, затоа што инвестициите во децата подоцна се враќаат“. Еднаквите шанси на почетокот на животот ги подобруваат можностите за учество во просперитетот на Германија и притоа автоматски придонесуваат за поголема праведност.