1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Македонија се справува со финансиската криза?

22 јули 2009

Македонските бизнисмени и претставници на владата разговараа за последиците врз стопанството поради глобалната економска криза. Трибината ја организираа фондацијата Конрад Аденауер и Европската бинзис асоцијација.

https://p.dw.com/p/IvFI
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Со кои предизвици се соочува македонската економија во услови на глобална криза? Ова прашање на дебатата организирана од германската фондација Конрад Адеануер и Европската бизнис асоцијација го анализираа бизнисмени и владини претставници.

Се слушнаа различни мислења. Од ставот дека македонската економија е во криза 20 години, до тезата дека глобалната криза е шанса за македонскиот бизнис. Бизнисмените во завиена форма им кажуваа на министрите што не чини, владините претставници вешто ги избегнуваа забелешките, говорејќи за предностите на македонската економија. Барањата што ги испорача бизнис секторот се корекција на даноците и царините и забрзување на административните процедури.

Свежиот капитал станува понедостапен

Konrad Adenauer Stiftung Grafik Logo
Фондација Конрад Аденауер

Тодор Деловски од градежната компанија „Кнауф“ смета дека не треба да се чекаат решенија од развиените земји и да се оди по нив и дека градежништвото е локомотива, што може да го повлече стопанството. Свежиот капитал станува се‘ поскап и понедостапен. На бизнисмените им требаат кредити, но централната банка води рестриктивна политика што ги крева каматните стапки. Ленче Барзова од фабриката за чевли „Баргала“ потенцираше дека оваа индустрија се соочува со предизвикот на многу ниски цени на производите, освен ова, каматните стапки се покачени.

Владата е уверена дека Македонија полесно ја пребродува кризата отколку другите земји

„Се согласувам дека треба да создадеме услови и да се потпираме на сопствени сили и да не бидеме толку ранливи, меѓутоа во моментот ситуацијата е таква, за жал. Затоа и Централната банка мораше да води рестриктивна политика, бидејќи некој мора да го плати она што се троши, а е повеќе од можностите. Ако нема кој да го плати, мора да се намали домашната побарувачка“, објасни вицегувернерот на Народната Банка на Македонија, Димитар Богов.

За разлика од бизнисмените кои сметаат дека антикризните мерки се недоволни, владата е уверена дека Македонија, за ралика од многу европски економии, полесно ја пребродува кризата. Според владините проекции, оваа 2009-та ќе заврши со минимален раст. Меѓународните финансиски инститиции прогнозираат пад на вкупната економија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска