1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

010811 Somalia UNO

3 август 2011

Сомалија е пропадната држава. За тоа вина сноси и меѓународната заедница. Хаотичните односи во источноафриканската земја ја отежнуваат помошта за гладните луѓе, кои со недели страдаат од историската суша во регионот.

https://p.dw.com/p/127QN
Војник на мисијата на Африканската Унија во МогадишуФотографија: AP

Посета на фронтот во центарот на Могадишу, главниот град на Сомалија. Зад вреќите со песок се засолнети припадниците на исламистичката милиција Ал Шабаб. Од друга страна: паравоените милицие кои се борат на страната на владата. Таа влада која соработува со Западот под сопствена контрола има едвај половина од територијата на главниот град.

Втората половина, како и во останатите делови на Сомалија се наоѓа во рацете на Ал Шабаб. Владините сили ги предводи човекот кој се вика Инда’аде. Тој говори дека неговите паравоени сили пред два месеци успеале да освојат важен дел од градот кој претходно бил под контрола на Ал Шабаб.

Soldaten der Al-Shabab-Miliz vor Mogadischu
Припадници на исламистичката Ал Шабаб милиција во МогадишуФотографија: AP

Инда’аде во раката го држи коранот додека се движи по целосно разурнатите улици на Могадишу. Тој е типичен пример за матната сомалијска историја. Пред да стане лидер на паравоените формации тој ја извршувал функцијата заменик министер за внатрешни работи. Пред тоа пак бил водач на исламистичката група наречена Хизбул Ислам.

ОН и меѓународната заедница кренаа раце од Сомалија

Војната во Сомалија започна во 1991 година, со соборувањето од власт на последниот диктатор Сиад Баре. Со тоа во земјата беше создаден вакуум кој до денес не е пополнет. Причина за тоа од една страна е раскараноста која владее во сомалиското општество. Но кон тоа треба да се придодаде и меѓународната заедница која направи многу грешки. Аугустин Махига е специјален пратеник на Генералниот секретар на ОН за Сомалија. Тој вели:

„Прва грешка на ОН беше тоа што прерано беше прекината воената операција во деведесеттите години. ОН и меѓународната заедница буквално дигнаа раце од Сомалија. Господарите на војната и меѓународните терористи го искористија празниот простор кој беше створен на тој начин. Под нивно влијание земјата континуирано се распаѓаше“, истакнува Махига.

Somalia Soldaten von AU in Mogadischu Flagge
Војници од Уганда стационирани во Могадишу како дел од мисијата на АУФотографија: AP

Нема помош за повеќе од 2 милиони луѓе

Меѓународната заедница дури по нападите врз САД на 11 септември 2001 година обрна внимание на војната во источниот дел на Африка, кој сега стана опасен не само за целиот регион туку и за Европа и за САД. Африканските но и други земји се’ погласно бараа воена интервенција на ОН. Меѓутоа Сомалија за војниците на ОН беше премногу опасна и поради тоа мандатот за воена операција и‘ беше доделен на Африканската Унија. Од почетокот на 2007 година во Могадишу се стационирани припадници на АМИСОМ- мисијата на Африканската Унија во Сомалија. Меѓутоа овие 8000 војници не беа дораснати на предизвикот да се борат против тероризмот. Поради тоа ОН на крајот од 2010 година ја зголеми таа мисија на вкупно 12 илјади војници и оттогаш наваму тој број повеќе не беше зголемуван.

Африканската Унија меѓутоа немаше доволно капацитети, но и опременоста на војниците не беше задоволителна. Поради тоа големи делови од Сомалија се се’ уште во рацете на исламистите од милицијата Ал Шабаб, а ОН не се повеќе во состојба да достават помош за преку 2 милиони луѓе кои во моментов страдаат од глад поради историската суша што ја зафати Сомалија но и целиот регион на Рогот на Африка.

Автор: Бетина Рил/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска