1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како натаму во Грција?

Јанис Пападимитриу/ Зоран Јордановски17 мај 2012

По неуспехот на сите обиди за формирање влада, на 17. јуни во Грција ќе се одржат нови избори. Експертите стравуваат од натамошно јакнење на леворадикалните. Како ќе одат понатаму работите во Атина?

https://p.dw.com/p/14wtA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Анкетите велат дека 80 проценти од Грците сакаат да го задржат еврото. Но, исто толку луѓе сметаат дека курсот на штедење во сегашната форма не може да биде задржан, оти со рекордно темпо ја води земјата кон дното. Ова, се чини, го потврдуваат најновите бројки од Атина: во првиот квартал грчката економија забележа пад од преку шест проценти.

Дали воопшто има алтернатива за болната политика на реформи? Избирачите на последните избори ја запоставија таквата дебата и сега мора итно да го надоместат тоа, рече во едно тв-интервју политикологот Манолис Котакис: „Последниот пат во фокусот беше прашањето дали ќе бидат традиционалните партии казнети за сегашната мизерија, или не. Изостана суштинска дебата за актуелните проблеми на земјата“. Наредните избори ќе се одржат под друг предзнак - партиите конечно мораат да заземат јасна позиција и да понудат прагматични решенија, вели Котакис.

Griechenland Athen Panagiotis Pikrammenos
Колку се реални ветувањата на политичарите во грчката криза?Фотографија: Reuters

Заострен тон во дебатите

На наредните избори гласањето од протест и отфрлање нема да бидат во преден план - граѓаните се повикани да ја обезбедат европската иднина на земјата, смета и новинарот Бабис Папапанајоту: „На наредните избори ќе има јасна линија на поделба меѓу оние кои се залагаат за Европа и еврото, и оние кои порадо би оделе по друг пат“, изјави новинарот од Атина за телевизијата АЛФА. Тој очекува спротивставување на класичните партии на десниот центар со левицата, „при што левицата овој пат нема како вообичаено да биде предводена од социјалистите, туку од леворадикалната партија СИРИЗА“. Затоа, може да се очекува дека ќе се заостри тонот во дебатите.

СИРИЗА, предводена од Алексис Ципрас, на последните избори беше втора со 16,78 проценти од гласовите и 52 пратенички места.Според анкетите, Ципрас на повторените избори може да излезе како победник со аспирации за премиерската функција.

Левицата ветува идеална состојба

Во предизборната кампања Ципрас го ветуваше најдоброто од два света: тој сака Грција да остане во еврозоната - и сепак да го откаже курсот на штедење и да го суспендира враќањето на долговите. Со такви ветувања Ципрас беше многу успешен кај гневните избирачи, како и кај жртвите од економската криза. „Економската програма на левичарската партија предвидува нови вработувања во јавните служби, подржавување и семожни други работи, но не и реформи“, вели економистот Михалис Аргиру. Тој жали што „токму младите и динамични политичари не можат да понудат никаква алтернатива“, туку сакаат да продолжат како досега и „на приврзениците им ветуваат идеални состојби, какви што воопшто не се можни“.

Parlament Athen Griechenland
Фотографија: dapd

Левичарските политичари се во моментов во подем, но засилено се конфронтирани со прашањето, откаде мислат да најдат пари за ветените добродетели. Одговорите многу се разликуваат: еден сака „банкарските влогови да ги користи за стопански пораст“, друг предлага „принудно зајмење од сите граѓани кои заработуваат повеќе од 20 илјади евра годишно“, а се споменува и даночна стапка до 75 проценти.

Самарас спорен и меѓу конзервативците

Конзервативниот партиски лидер Антонис Самарас се обидува да ги разоткрие левичарските политичари како хохштаплери и себе си да се позиционира како гарант за европската иднина на Грција. Тоа воопшто не е така едноставно, предупреди политичкиот новинар Алексис Папахелас во телевизиски настап. Според него, прашање е дали Самарас може да го обедини десниот центар, дали може да го изостри својот европски профил и дали ќе им даде шанса на нови лица. Тој мора да им понуди јасна порака на избирачите - само така би можел да ја придобие за себе средната класа во опаѓање, која ја гледа иднината на Грција во еврозоната.

Самарас не е неспорен ни меѓу неговите конзервативци. На последните избори тој постигна најслаб резултат во историјата на својата партија. Посебно ги преплаши избирачите - приврзеници на либерална економија. Сега Самарас мора повторно да ги придобие нив и умерено конзервативните избирачи.